Бившата австриска министерка за надворешни работи која танцуваше со Путин се сели во Русија


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Бившата министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, која привлече медиумско внимание со тоа што танцуваше со Владимир Путин на својата венчавка, ќе се пресели во родниот град на рускиот претседател Санкт Петербург за да раководи со тинк-тенк центарот што самата го создаде.

„Јас сум ко-основач на центарот ГОРКИ и управувам со него. Бидејќи таму имам многу работа и тоа бара многу внимание, (…) решив да се преселам во Санкт Петербург“, изјави вчера Кнајсл за руската државна новинска агенција ТАСС, а пренесе Политико.

Создаден во март 2023 година, центарот има за цел да „подготви објективна анализа за пронаоѓање решенија“ за целите на руската политика, според веб-страницата на центарот. ГОРКИ е поврзан со Државниот универзитет во Санкт Петербург, каде Путин студирал право во 1970-тите.

Кнајсл беше министерка за надворешни работи на Австрија од 2017 до 2019 година, а за тоа место беше номинирана од екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО). Таа наиде на критики за своите блиски врски со рускиот претседател, кој присуствуваше на нејзината свадба во 2018 година на австриските Алпи, и за одморот во Русија неодамна во август, среде војната на Кремљ во Украина.

Говорејќи на Источниот економски форум во Владивосток во вторникот, Кнајсл го критикуваше однесувањето на Австрија кон Русија, споредувајќи го со „шизофренија“.

„Австриската политика и јавното мислење не се заморуваат од осудувањето на Русија“, рече таа, додавајќи дека оние кои сè уште имаат деловни врски со Русија се етикетирани како „оние кои заработуваат крвави пари“, пренесува ТАСС.

Минатата недела, претставникот на Европската комисија за Австрија Мартин Селмајр предизвика гнев откако го критикуваше увозот на руски гас од земјата, обвинувајќи ја Виена дека ѝ плаќа „крвави пари“ на Москва.

Австрија има историски врски со Русија. Иако земјата ги поддржа санкциите на ЕУ и јавно го критикуваше Путиновото кршење на меѓународното право, таа ги задржа комерцијалните врски со Москва и остана една од ретките земји од ЕУ кои сè уште увезуваат руски гас, пишува Политико.