Банкарскиот сектор разнишан од пропаѓањето на Еуростандард банка


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Стечајот на „Еуростандард банка“ отвори низа прашања и дилеми. Како пропадна, зошто тоа се дозволи, сигурни ли се заштедите на граѓаните, но и на компаниите. Проблем претставува и што бројните коминтенти на банката сега не можат да ги подигнат своите плати, пензии или пари што ги имаат на картичка. Тоа ќе биде така се додека не изминат 20 дена после кои Фондот за осигурување депозити ќе почне да ги враќа парите, пренесува 24.мк.

Загрижени граѓани рано утрово застанаа пред „Еуростандард банка“ ,стравуваат дека нивните скромни заштеди ќе пропаднат. Нервозно, со изгубени погледи, бараат одговор дали и кога ќе може да си ги подигнат парите, кои малку по малку ги собирале да им се најдат.

„Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката. Под вкупни депозити на еден депонент се подразбира: денарски и девизни депозити и трансакциски сметки на физички лица во банката, депозити врзани за паричните картички издадени од банката, девизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката“, соопштуваат од Фондот за осигурување.

Се јавија и од Фондот за пензиско осигурување. Од таму велат дека сите корисници на пензија на кои им се врши исплата на пензијата на трансакциските сметки во „Еуростандард банка„ АД Скопје, најдоцна до 21. месецов треба да достават известување до банката преку која што би сакале понатаму да им се врши исплата на пензијата.

„Банките, наведуваат, по службена должност ќе извршат дојава до Фондот на ПИОСМ за трансакциските сметки на кои Фондот ќе треба да изврши исплата на пензиите, поради што корисниците на пензија не треба да доаѓаат во Фондот“ – велат од таму.

Но стечајот на „Еуростандард“ – голем проблем за работењето на македонски пошти.

Според директорот на Пошти по одлуката на Народна банка за одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“, поштата нема можност да ја реализира услугата платен промет, оти имала договор само со оваа банка.

Отворениот стечај отвори и низа дилеми за работењето и на останатите банки. Од Македонската банкарска асоцијација (МБА), уверуваат дека ниту една друга банка не е изложена на ризик со кој би се нарушила стабилноста и солвентноста.

„Банкарскиот систем се одликува со прудентно работење и отпорност на шокови. Утврдените слабости во работењето на `Еуростандард банка` и укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем кој се одликува со сигурност, стабилност и солвентност“, соопштија од МБА.

И додека се редат прашања – за потегот со кој се затвора една македонска банка, трета во последниве дваесет години, изневерени останаа клиентите на банката – останаа разочарани пред затворените врати и банкоматите.