Home Актуелно Апасиев и Петров: Одлуката на Уставен е политичка, а не правна

Апасиев и Петров: Одлуката на Уставен е политичка, а не правна

Подносителите на иницијативата за оспорување на одлуката за распишување на референдумот, Димитар Апасиев од „Левица“ и Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка, изјавија дека денеска е погребана правдата и оти не преостанува ништо друго, освен бојкот на референдумот.

– Ова е срамен ден за владеењето на правото во Република Македонија. Денес е погребана правната држава преку политичка, а не правна одлука на судиите, рече Апасиев и додаде дека бојкотот останува како единствено масовно средство за враќање на правната држава.

Има сознанија, како што рече Апасиев, дека уставните судии се повикувани на разговор пред денешната седница.

– Наше како јавност е да видиме кој ги повикувал судиите и се обидувал да им влијае врз исходот од оваа иницијатива, рече Апасиев.

За претседателот на СМК, Тодор Петров, одлуката на Уставниот суд не е прифатлива.

– Судиите во расправата беа контрадикторни. Тие отфрлија расправа за договорот со Грција, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за ЕУ и НАТО, туку за договорот со Грција со кој се врши промена на името на државата. Истовремено, се суспендира референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот во апсолутно мнозинство гласаше за самостојна Македонија без додавки и придавки. Иако одлуката на референдум по Устав е задолжителна, Судот за жал, сметаше дека ЕУ не е ниту сојуз за кој треба да се распише референдум, рече Петров.

Според него, одлуката на Уставниот суд ќе ја зацврсти определабата за бојкот на 30 септември.

Извор: Сител

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…