Анкета на НДИ: СДСМ има право да формира влада, Македонците најмногу му веруваат на Иванов, Албанците на СЈО

Шест од 10 Македонци и девет од 10 Албанци сметаат дека мнозинството во парламентот може да формира влада а половина од граѓаните верува дека СДСМ има право да ја предводи владината коалиција. 72 проценти од Албанците веруваат дека излезот од политичката криза е во формирање влада, додека за 20 проценти излезот е во вклучувањето на меѓународната заедница, пренесува Макфакс.

Една третина од Македонците и останатите етнички заедници е на мислење дека излезот треба да се бара преку нови парламентарни избори а една петтина смета дека решение за кризата е формирање на влада од страна на мнозинството во Собранието. Албанците во најголем дел (84 проценти) веруваат дека влада може да биде формирана и без претседателот Иванов да го додели мандатот, додека само една четвртина од Македонците и останатите етнички заедници го делат таквото мислење.

Американската организација Националeн демократски институт (НДИ) ја објави првата од предвидените три анкети спроведена од 17 до 21 март на примерок од 807 граѓани кои одговарале на низа прашања поврзани со политичкиот, економскиот и социјалниот живот во Македонија. Според оваа анкета граѓаните генерално најмалку доверба имаат во судството и во Јавното обвинителство.

Албанските испитаници истканале дека најголема доверба имаат во СЈО додека македонските како институција од најголема доверба го гледаат претседателот на државата. 59 отсто од сите испитаниците сметаат дека мандатот на СЈО треба да биде продолжен а 81 процент од испитаниците не ја прочитале платформата потпишан од партиите на македонските Албанци.

Како приоритети на новата влада граѓаните ги навеле порастот на економијата, ставањето крај на политичката криза, вработувањaта, обединувањето и владеењето на правото. Според анкетата на НДИ постојат сериозни разлики во ставовите меѓу испитаниците кои следат различни медиуми, како и меѓу граѓаните од различна возраст.