Актуелно

Адвокат Ќатовски: Граѓаните имаат право да бараат обештетување поради кризата со обрасци за пасоши

Кризата за пасошки обрасци во Македонија е актуелен проблем кој го тресе македонското Министерство за внатрешни работи. Во согласност со последните официјални податоци преостанати се уште 3.700 обрасци за пасоши, а има поднесено околу 16.500 барања по редовна постапка и 650 по итна постапка, пренесува Академик.

На голем дел од граѓаните кои навремено поднеле барање за издавање на пасош поради кризната состојба во надлежното министерство нема навремено да им биде изготвен нивниот пасош и со тоа ќе бидат принудени да го одложат своето патување. Доколку со ваквото одлагање на своето патување врз граѓаните се нанесе штета, било да е тоа од материјална или од нематеријална природа, или комбинирана, тогаш тие ќе се стекнат со право на надомест на таа штета. Одговорен орган за надомест на ваквата штета ќе биде Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Во согласност со чл. 36, ст. 1 од Законот за патни исправи на државјаните на Р Македонија, „Патна исправа или виза се издава во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето со доставена потребна документација.“ Оваа одредба алудира на обврската ресорното министерство да ја издаде бараната патна исправа во рок од 15 дена. Доколку со задоцнување, кое во овој случај е апсолутно по вина на Министерството, се нанесе некоја штета, тогаш во согласност со чл. 141 и 145 од Законот за облигациони односи одговорно за надомест на таа штета е самото министерство.

Advertisements
To Top