„Видоус Беј“ и официјално ќе добие втора сезона, а по успехот на „Епл ТВ“, авторката Кејти Диполд најавува промени во структурата на серијата. Во разговор за „Колајдер“, таа објасни дека сценаријата за првата сезона биле „подолги и прилично набиени со содржина“.
Зборувајќи за приспособувањето на материјалот кон актерите што ги оживуваат ликовите, Диполд ја истакна нивната природна дарба за комедија.
„Сите се толку природно духовити и имаат совршено чувство за комичен тајминг, а играат како да е драма“, додаде таа.
Серијата на „Епл ТВ“, чија премиера беше во април 2026 година, се одвива во измислено островско гратче во Нова Англија. Врз него тежи вековно проклетство што им носи разни натприродни зла на жителите.
Набргу по почетокот на емитувањето, Метју Рис, Кејт О’Флин, Кевин Керол, Дејл Дики, Кингстон Руми Саутвик, Џеф Хилер, Стивен Рут и Кеј Калан, како и други членови на актерската екипа, добија пофалби од критиката за настапите во натприродната комедија.
Рис (52) подоцна во разговор за „Ас викли“ зборуваше за можната насока на втората сезона.
„Прашањето што најчесто ѝ го поставувам на Кејти е: ‘Што е проклетството? Чудовиштето? Островот? Што е тоа?’“, изјави тој во август. „Многу ме интересира дали е нешто физичко и опипливо, со кое може да се преговара, или нешто во нас. Немам поим. Знам само дека ми е мило што не го пишувам јас сценариото.“

Актерот откри и кого би сакал повторно да види во приказната.
„Еден дел од мене сака да се врати Ричард, ликот на Хамиш Линклејтер. Па, на некој начин, би сакал тој да биде проклетството. Постојано ми тропа на врата, а јас секогаш реагирам со: ‘Што?’ Тој е проклетството и секогаш е присутен. Мислам дека со тоа би можело многу да се забавуваме“, додаде Рис.
Извор: US Weekly