Дајна Мите, мајката на актерот Ар Џеј Мите од серијата „Брејкинг бед“, сподели емотивна порака по повод првиот Ден на благодарноста што семејството го поминува без него.
Во четвртокот, на 26 ноември, таа на Инстаграм објави фотографија на која е со синот и со ќерката Ласиен Кариер.
„Мое мило момче, Ар Џеј Мите, денес беше неверојатно тешко“, напиша таа. „Ова е првиот празник без тебе. Имаме толку многу убави спомени. Го подготвив твојот омилен празничен фил, како и секогаш, но не беше исто без тебе да се прикрадеш и да каснеш скришум. Многу ни недостигаат твојата прекрасна насмевка и бескрајните приказни. Празниците никогаш повеќе нема да бидат исти. Ќе те сакам до крајот на времето“.
„Ју-ес викли“ на 12 октомври потврди дека Ар Џеј починал од самоубиство на 34-годишна возраст.
Неколку дена подоцна, Дајна зборуваше за својата болка во разговор за Ен-би-си њуз.
„Сите во животот доживуваме нешто што ни го крши срцето и секој се справува со тоа на свој начин“, изјави таа на 15 октомври. „Да знаев нешто и да можев да постапам поинаку, навистина ќе го сторев тоа. Ќе го дадев својот живот за неговиот“.
Таа раскажа и како го пронашла синот: „Му се јавив во 11 часот. Не одговори. Зедов ручек и отидов да му го однесам. Тогаш го најдов“.
Мите го толкуваше Волтер „Флин“ Вајт Џуниор во сите пет сезони на „Брејкинг бед“. Тој велеше дека таа улога му овозможила да допре до поширока јавност со својот ангажман за правата на лицата со попреченост.
На тригодишна возраст му била дијагностицирана церебрална парализа. Клиниката „Мајо“ ја опишува како група состојби што влијаат врз движењето, рамнотежата и држењето на телото, често предизвикани од оштетување на мозокот кај бебето.
По неговата смрт, претставникот на Мите во изјава за „Ју-ес викли“ оддаде признание за неговата кариера и за залагањето за правата на лицата со попреченост.
Извор: US Weekly