Понекогаш ни долгата ноќ помината во спиење, ни мирното утро, ни омиленото кафе не го отстрануваат заморот. Се будиме без енергија, тешко се сосредоточуваме и едвај ги завршуваме дневните обврски. Објаснувањето најчесто го бараме во стресот, преголемата оптовареност или во хормоналните промени, особено во перименопаузата и менопаузата. Сепак, можна причина е и апнејата при спиење.
Проблемот понекогаш не е во тоа колку долго спиеме, туку во начинот на кој дишеме додека спиеме. Иако ова нарушување обично го поврзуваме со гласно ’рчење и долги паузи во дишењето, кај жените тоа може да се манифестира со несоница, утрински главоболки, раздразливост, анксиозност и хроничен замор. Бидејќи овие симптоми навидум не се поврзани, многу жени не се сомневаат дека токму нарушеното дишење им го влошува квалитетот на сонот.

Што е апнеја при спиење и како влијае врз организмот?
Апнејата при спиење е нарушување при кое дишењето повеќепати се прекинува или протокот на воздух значително се намалува додека спиеме. Најчеста е опструктивната апнеја при спиење (ОСА). Таа се јавува кога мускулите на грлото се опуштаат во сон, па дишните патишта се стеснуваат или привремено се затвораат. Во тие моменти дишењето запира или станува многу плитко, а нивото на кислород во крвта може да се намали.
Овие епизоди може да се повторат многупати во текот на ноќта и да предизвикаат кратки будења за кои лицето често не е свесно. Иако не се сеќаваме дека сме се буделе, организмот не успева да ги помине потребните фази на квалитетен и непрекинат сон. Последицата е утринска исцрпеност и чувство дека воопшто не сме се одмориле.
Зошто ова нарушување кај жените често останува незабележано?
Една од причините е различниот начин на кој се појавуваат симптомите. Кај мажите почесто се пријавуваат гласно ’рчење и изразена поспаност преку ден, додека кај жените тегобите може да бидат помалку очигледни и лесно да се поврзат со други причини. Несоницата, тешкотиите со помнењето, промените во расположението и утринските главоболки не секогаш веднаш упатуваат на нарушено дишење во сон.
Стресот и секојдневното психичко оптоварување дополнително придонесуваат хроничниот замор да се прифати како нешто вообичаено. Жените неретко го одложуваат прегледот, убедени дека исцрпеноста е последица на брзото темпо на живот. Но постојаниот недостиг од енергија, особено ако е придружен со чести будења или чувство дека немаат доволно воздух во текот на ноќта, заслужува внимание.
Важно е и тоа што отсуството на гласно ’рчење не ја исклучува апнејата. Кај некои жени овој симптом го нема, а сепак се јавуваат значајни прекини во дишењето додека спијат.
Хормоналните промени може да го зголемат ризикот
Перименопаузата и менопаузата се особено значајни периоди за здравјето на сонот. Пред менопаузата, жените во просек имаат помал ризик од опструктивна апнеја при спиење во споредба со мажите, но со текот на времето оваа разлика се намалува.
Намалувањето на нивото на естроген и прогестерон, променетата распределба на масното ткиво и зголемената телесна тежина може да ја зголемат подложноста на ова нарушување. Истовремено, ноќното потење, несоницата, раздразливоста и заморот што ја придружуваат менопаузата може да ги прикријат знаците на апнеја. Затоа не треба секоја промена во квалитетот на спиењето автоматски да им се припишува на хормоните.
Ризикот може да биде поголем и во бременоста, поради физиолошките промени и зголемувањето на телесната тежина, како и кај жените со синдром на полицистични јајници (ПЦОС).
Како се открива и се лекува апнејата при спиење?
Доколку постои сомневање за апнеја при спиење, потребна е консултација со лекар, кој ќе ги процени симптомите и ќе предложи соодветни испитувања. Меѓу најсигурните дијагностички методи е полисомнографијата, со која за време на спиењето се следат дишењето, нивото на кислород во крвта, работата на срцето и мозочните бранови. Во одредени случаи може да се направи и тестирање за апнеја во домашни услови.
За ова нарушување постојат ефикасни начини на лекување. Еден од најчестите е терапијата со ЦПАП-апарат. Преку маска, апаратот во текот на ноќта доставува воздух под притисок и ги одржува дишните патишта отворени. На одредени пациентки може да им помогнат и специјални орални помагала, а во некои случаи се разгледува и можноста за хируршки зафат.
Редовната физичка активност, одржувањето здрава телесна тежина и избегнувањето алкохол пред спиење исто така може да ги ублажат симптомите. Сепак, промените во животните навики не ја заменуваат медицинската терапија кога таа е потребна.


Квалитетниот сон е потреба, а не луксуз
Нелекуваната апнеја при спиење кај жените може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок, кардиоваскуларни заболувања и метаболички нарушувања. Таа може да се одрази и врз помнењето, концентрацијата, расположението и секојдневното функционирање. Токму затоа постојаниот замор не треба да се игнорира, дури и кога се чини дека е неизбежна последица на современиот начин на живот.
Ако редовно се будите исцрпени, имате утрински главоболки или некој забележал дека правите паузи во дишењето додека спиете, разговарајте со лекар. Патот до поодморни утра не почнува со нова рутина за нега, додаток во исхраната или порано легнување, туку со откривање на она што навистина се случува во текот на сонот.
Фото: Инстаграм / @byneele
Извор: Lepota i Zdravlje