Кортни Кардашијан не ја исклучува можноста за уште едно дете со сопругот Тревис Баркер. Во епизодата на „Кардашијанс“ емитувана во четврток, на 12 ноември, таа откри дека секој месец се прашува дали повторно е бремена.
„Знаеш ли дека секој месец мислам дека сум бремена? А потоа излегува дека не сум“, рече Кардашијан (47). „Но, откако завршив со доењето, менструацијата повторно ми доаѓа редовно.“
Кајли Џенер ја праша дали постои можност со Баркер да очекуваат уште едно бебе. Кортни не ја отфрли можноста семејството непланирано да им се прошири, признавајќи дека не се „внимателни“ кога станува збор за спречување бременост.
Кардашијан ги има Мејсон (16), Пенелопе (14) и Рејн (11) со поранешниот партнер Скот Дисик. Откако со Баркер отворено зборуваа за својот пат до заедничко дете, во јуни 2023 година таа објави дека е бремена. Баркер сега има 51 година.
Три месеци по објавата, Кардашијан откри дека итно била однесена во болница на операција на плодот. Подоцна безбедно се породи.
„Засекогаш ќе им бидам благодарна на моите неверојатни лекари што му го спасија животот на нашето бебе. Вечно сум му благодарна на сопругот, кој ја прекина турнејата и побрза да биде покрај мене во болница, а потоа и да се грижи за мене. Тој е мојата потпора“, напиша тогаш на Инстаграм. „А на мајка ми ѝ благодарам што ме држеше за рака додека минував низ сето ова. По три навистина лесни бремености, не бев подготвена за стравот што го носи итната операција на плодот.“
Основачката на „Пуш“ додаде: „Мислам дека никој што не поминал низ слична ситуација не може вистински да го разбере тој страв. Сега сосема поинаку ги разбирам и ги почитувам мајките што морале да се борат за своите бебиња во текот на бременоста. Му благодарам на Бога. Да излезам од болницата со моето момче сè уште во стомакот, на сигурно, беше вистински благослов.“

Во октомври 2023 година, Кардашијан подетално зборуваше за здравствената криза во интервју за „Вог“.
„Тоа искуство ми ги отвори очите за една сосема поинаква страна на бременоста, за која претходно не знаев. Дознав дека осигурувањето обично покрива само два ултразвучни прегледи во текот на бременоста. Немав поим за тоа. Јас отсекогаш сум ја имала среќата да можам да направам повеќе прегледи од оние што ги покрива осигурувањето, а токму еден од нив му го спаси животот на моето бебе“, изјави таа.
Извор: US Weekly