Поранешниот американски конгресмен Мет Гејц и неговата сопруга Џинџер го очекуваат своето второ дете. Истовремено, тој се соочува со тужба пред федерален суд во која две жени го обвинуваат него и уште две лица за учество во „регрутирање, плаќања, дрога и патувања“ поврзани со „сексуални дејства за пари“.
„Бог нè благослови повеќе отколку што можеме да измериме“, објави 32-годишната Џинџер на Инстаграм, соопштувајќи ја веста за бременоста.
Адвокатите на двете жени, чии идентитети во судските документи се заштитени со псевдонимот Џејн Доу, наведуваат дека „Мет и неговите соработници биле мажи со моќ, богатство и привилегии, кои ги користеле своите позиции не за да ги заштитат ранливите, туку за да ги искористуваат“.
Тужителките побарале судење пред порота, како и надоместување на „разумни адвокатски трошоци“, судски трошоци, законски дозволена камата и друга соодветна правна заштита.
Во тогашната изјава за Гардијан, Гејц ги отфрли нивните обвинувања како „невистинити“.
„Тужбата речиси целосно се потпира на извештај од конгресна комисија која не ми дозволи да се соочам со оние што ме обвинуваат. Сега конечно ќе ја имам таа можност“, додаде тој.
Во подоцнежна објава на социјалните мрежи, поранешниот конгресмен, по сè изгледа, се спротивстави на тоа идентитетите на двете наводни жртви да останат заштитени додека трае судската постапка.
„Џејн Доу повторно напаѓа! Две полнолетни жени денес ме тужеа, тврдејќи дека биле однесени на Бахамите како жртви на сексуална трговија. Шокиран сум што никој не одговорил на нивните постојани повици за помош, објавени на Инстаграм“, напиша тој на Икс, покрај фотографија од три неидентификувани жени во бикини.
Гејц, истакнат поддржувач на претседателот Доналд Трамп, поднесе оставка од функцијата претставник на првата изборна единица на Флорида во ноември 2024 година, откако Трамп, кој сега има 80 години, го номинираше за американски државен обвинител во својата тогаш претстојна администрација. Гејц подоцна ја повлече кандидатурата по бурните реакции во јавноста и политичките кругови поради етичката истрага во Претставничкиот дом.
„Ќе продолжам да се борам, но од друга позиција. Немам намера да бидам дел од 119. состав на Конгресот“, му рече тој тогаш на сега покојниот конзервативен коментатор Чарли Кирк. „Неколку извонредни луѓе од Флорида се кандидираа за моето место, луѓе кои инспирираат со своето херојство и со својата јавна служба. Навистина се радувам што северозападна Флорида ќе достигне нови височини и ќе има одлични претставници.“
Во извештајот на Комисијата за етика на Претставничкиот дом, објавен на 23 декември 2024 година, беше утврдено дека постојат „значителни докази“ оти Гејц ги прекршил „правилата на Претставничкиот дом, државните и федералните закони и другите стандарди на однесување што забрануваат проституција, сексуални односи со лице под законската возраст за согласност, употреба на недозволени дроги, примање недозволени подароци, давање посебни услуги и привилегии и попречување на работата на Конгресот“. Сепак, комисијата наведе дека нема „доволно докази за да се заклучи дека конгресменот Гејц го прекршил федералниот закон за сексуална трговија“.
Извор: US Weekly