Џастин Тимберлејк проговори за долгогодишните гласини дека неговиот хит од 2006 година, „What Goes Around… Comes Around“, е напишан за поранешната девојка Бритни Спирс.
„Можеби е време да расчистам една гласина“, рече 45-годишниот пејач во интервјуто за „Re-Rank“ на „Complex“, објавено во четвртокот, на 5 ноември.
Тимберлејк објасни дека инспирацијата за песната всушност била лошата љубовна врска на негов пријател, а не негово лично искуство.
„Таа гласина кружи со години, но песната не е моја лична приказна. Всушност, станува збор за лична приказна на еден пријател. Побарав дозвола од него“, рече тој.
Пејачот се присети дека пријателот минувал низ тежок период и му раскажал што се случило.
„Го прашав: ‘Дали ти пречи да напишам песна за ова?’ А тој ми рече, го цитирам: ‘Да, растури ја таа кучка. Сè се враќа, сè се плаќа’. А јас му реков: ‘Морам да одам. Ти благодарам’“, раскажа Тимберлејк на шега.
Според него, текстот за „What Goes Around… Comes Around“ го напишал за едвај дваесетина минути. Додаде дека песната би ја ставил на првото или на второто место меѓу сите песни во својата дискографија.
„Музичкиот меѓудел што оди со неа… А кога ќе го додадете и спотот — снимивме десетминутно видео — за мене едноставно сè се вклопи совршено“, објасни тој.
Спирс во своите мемоари The Woman in Me од 2023 година призна дека за време на тригодишната врска го изневерила Тимберлејк со кореографот Вејд Робсон. Во книгата, сепак, таа тврдеше дека и нејзиниот поранешен партнер бил неверен.
Пејачката на „Toxic“ подоцна се извини „за некои од работите“ што ги напишала во автобиографијата, но неколку дена потоа го повлече извинувањето.
Извор: US Weekly