
Мет Дејмон и Дејвид Летерман неочекувано се појавија во првата епизода од четвртата сезона на „Позлатеното доба“.
Педесет и шестгодишниот актер и 79-годишниот водител и комичар имаа кратко појавување во новата епизода на серијата на Ејч-би-о, емитувана во неделата вечер, на 1 ноември.
Според „Вулчр“, двајцата се гледаат само шест секунди, во сцена што почнува на осмата минута и 33. секунда. Облечени во костими соодветни на времето во кое се одвива приказната, тие ја преминуваат улицата. Ниту еден нема реплика.
Дејмон е потешко препознатлив поради бакенбардите и густите мустаќи, додека Летерман се појавува со својот вообичаен изглед и со густата брада што ја носи веќе подолго време.
Но, како воопшто дошло до нивното гостување во серијата?

Долгогодишната желба на Летерман конечно се остварила
Летерман одамна сакал да се појави како статист, уште откако го видел својот пријател, комичарот Гери Мјул Дир, во сцена од филмот „Ени Хол“ од 1977 година. Во последно време неколкупати бил блиску до тоа, но дури сега желбата му се остварила.
Изабел Ричардсон, која ја води продукцијата на неговата серија на Нетфликс „На мојот следен гостин не му треба претставување“, открила дека идејата произлегла од подготовките за претстојното гостување на Дејмон во емисијата.
Истражувајќи ја кариерата на актерот, Ричардсон и нејзиниот тим дознале дека тој почнал како статист. Помислиле дека тоа би можело да биде совршена можност и за Летерман.
„Би било навистина забавно Дејв да го направи ова со оскаровецот Мет Дејмон, а и одлично се поврзуваше со приказната за неговите почетоци“, изјавила Ричардсон за „Вулчр“. Кога на Дејмон му понудиле список со можни идеи за сегмент што би се снимал надвор од студиото, тој „без двоумење ја избра оваа како омилена. А ова беше убедливо најоткачената и најапсурдната идеја“.
Тимот проверил кои продукции се снимаат во Њујорк во периодот кога се подготвувала емисијата на Летерман. Ричардсон ја забележала „Позлатеното доба“, а се покажало и дека еден од продуцентите задолжени за организација на снимањето на „На мојот следен гостин не му треба претставување“ има пријател што работи на серијата на Ејч-би-о.
Предлогот стигнал до извршната продуцентка на „Позлатеното доба“, Кејт Черчил, која помогнала идејата да се реализира.
„Беше навистина урнебесен момент кога нашата супервизорка на продукцијата, Лиа Бејкер, ми пријде на снимањето и ми рече: ‘Имам едно малку смешно и интересно прашање: Дали би сакала Дејв Летерман и Мет Дејмон еден ден да бидат статисти кај нас?’ Само почнав да се смеам“, раскажала Черчил.
Потоа им ја пренела идејата на авторот и раководител на серијата Џулијан Фелоуз, на шефицата на драмската програма на Ејч-би-о Франческа Орси и на извршниот директор на Ејч-би-о Кејси Блојс. Сите ја сметале за урнебесна, иако Черчил се загрижила дека појавувањето на двајцата би можело да им го одвлече вниманието на гледачите.
„Единствениот начин што можев да го замислам беше сè да направиме во строго контролирани услови и тоа да биде кадар што навистина ни е потребен, за да има големи шанси да остане во конечната монтажа“, објаснила таа за „Вулчр“.
Черчил инсистирала сцената да се снима на затворен сет, „каде што контролираме сè и јавноста нема пристап“. Тоа донекаде го отежнало усогласувањето на термините.
„Имаше точно одредени денови кога тоа можеше да се случи, а нашиот распоред веќе беше утврден. Ѝ се јавив повторно на Изабел и ѝ реков: ‘Ова се деновите што можете да ги изберете, а терминот мора да им одговара на двајцата’“, додала таа.
Според Черчил, зад навидум едноставната идеја стоела прилично сложена организација. Дејмон, на пример, требало да добие хонорар како статист, иако работи преку сопствена компанија. Таа им оддала признание на студијата, нагласувајќи дека биле разменети многу електронски пораки, но сите се здружиле и двете студија го препознале проектот како забавна соработка.
Извор: Just Jared