Облеката со впечатлив крој е доволна за елегантен и женствен изглед, без многу размислување околу комбинирањето. Токму такви се сакоата со пеплум, кои ја истакнуваат половината и благо се шират во долниот дел. Тие им даваат префинет изглед на секојдневните комбинации, но подеднакво добро се носат и во поформални пригоди.
За разлика од класичните сакоа со рамен крој, овие модели ја следат линијата на телото, а потоа нежно се шират кај колковите. Токму тој детаљ ги прави интересен избор за оние што сакаат да ја освежат гардеробата со нешто елегантно, но и впечатливо. Во актуелните колекции има различни изведби: од минималистички модели со дискретно проширување до сакоа со поцврста форма и поизразен волумен. И во неутрални нијанси и во посмели бои, овој крој лесно се приспособува на различни стилови.



Женствена алтернатива на класичното сако
Еден од најлесните начини за комбинирање на овој модел е со панталони со рамни или малку пошироки ногавици. Нагласената половина и полежерниот крој на панталоните создаваат складна целина, а едноставните чевли со шпиц дополнително ја истакнуваат елеганцијата. Оваа комбинација е соодветна и за на работа и за вечерно излегување, кога сакаме дотеран изглед без многу детали.
За поопуштена варијанта, сакото со пеплум може да се носи со омилените фармерки. Особено добро му прилегаат моделите со рамни ногавици или од темен тексас, кои се усогласуваат со неговата јасно обликувана силуета. Едноставна маица, мокасини или салонки и чанта со чисти линии се доволни за спој на класичното и современото. На тој начин, парчето што најчесто го поврзуваме со формалното облекување добива поинаков изглед.
Сакоата со пеплум убаво се комбинираат и со здолништа. Миди-моделите, особено оние со рамен крој, создаваат елегантна силуета и му дозволуваат на сакото да остане во центарот на вниманието.
Внимание привлекуваат и верзиите со нагласени раменици, дворедно закопчување, необични копчиња или асиметричен пеплум. Тие се добар избор за оние што сакаат класично парче со посовремен изглед. Најдобро е да се носат со поедноставна облека и модни додатоци, за кројот да дојде до израз. Без разлика дали се комбинираат со фармерки, елегантни панталони или здолништа, овие сакоа внесуваат поинаква силуета во секојдневното облекување.



Еден крој за различни пригоди
Предност на овие сакоа е и тоа што не мора да се чуваат само за посебни пригоди. Во зависност од материјалот, бојата и деталите, можат да се вклопат во едноставни дневни комбинации, но и во поелегантна облека за вечера, прослава или деловен состанок. Моделите од твид, волна и поцврсти материјали особено убаво изгледаат во студените месеци, додека оние од полесни ткаенини се погодни за преодните сезони. Црната, сивата, кафеавата и бежовата се сигурен избор на бои што лесно се комбинираат со облеката што веќе ја имаме.
Извор: Lepota i Zdravlje