Хари Стајлс неделава се најде во расправија со маж што барал автограм на улица во Њујорк. По инцидентот, мажот јавно ја презеде одговорноста и му се извини на пејачот.
Сè се случило во средата, на 21 октомври, додека Стајлс минувал низ населбата Лоуер Ист Сајд, на пат кон „Медисон сквер гарден“, каде што требало да одржи концерт.

Мажот продолжил да го следи по улицата, а во еден момент изгледало дека на пејачот му здодеало тоа, па му се обратил.
ТМЗ објави видеоснимка на која се гледа како двајцата разменуваат зборови, но не е јасно што си кажуваат.

Мажот се вика Џовани, се претставува како „најдобриот ловец на автограми во светот“ и објавува снимки од своја перспектива додека следи познати личности низ Њујорк.
Тој го сподели насловот на ТМЗ, според кој Стајлс бурно реагирал на маж што му побарал автограм на улица, и порача дека „не се случило тоа“.


„Хари не ги загуби нервите. Јас ги загубив. Тој остана смирен, па дури и ми помогна да се смирам“, напиша Џовани во соопштение на својот профил на Инстаграм.
„Сакам да разјаснам некои од насловите за мојата неодамнешна средба со Хари Стајлс во Њујорк. Хари секогаш бил џентлмен кон мене, уште од 2012 година, кога првпат ми даде автограм. Вистината е дека имав лош ден и се однесував непримерно. Хари, всушност, беше сосема смирен во целата ситуација и дури ми помогна и јас да се смирам. Насловите што сугерираат дека ги загубил нервите се далеку од вистината. Ако некој требаше да се смири, тоа бев јас. Ја преземам целосната одговорност и искрено му се извинувам на Хари. Секогаш бил коректен кон мене и заслужува само почит“, додаде тој.
Во меѓувреме, кружат гласини дека Стајлс работи на нов концертен документарен филм.
Извор: Just Jared