Том Арнолд, 67-годишниот актер и комичар, со неверување реагираше откако неговата поранешна сопруга Розен Бар (73) застана во негова одбрана во спорот со Чак Лори, авторот на „Бубалици“. Спорот се однесува на тврдењата на Лори за неправилно припишување на авторството на сценарија од времето кога работеле на хит-серијата „Розен“.
И покрај нивната бурна разделба, Бар го одбрани Арнолд во интервју за Холивуд репортер, објавено во вторникот, на 20 октомври.
„Неверојатно — и мислам дека нема често да ме слушнете да го кажам ова — но Том Арнолд за промена ја зборува вистината“, рече таа. „Ете колку се сменија работите. Том Арнолд ме брани мене. Морам да му се заблагодарам за тоа. Првпат во неговиот еб*н живот направи нешто како што треба за мене. Фала, Том.“
Изненадениот Арнолд истиот ден се огласи на Икс: „Не откажувајте се. Никогаш не откажувајте се. Пред 33 години предвидов дека ќе направам нешто толку добро што мојата прва поранешна сопруга Розен ќе мора да каже нешто речиси убаво за мене. Денес конечно и пеколот замрзна.“
За тврдењата на Лори дека си припишувал заслуги за сценарија на други автори, Арнолд ја изнесе својата верзија во разговор за Ентертејнмент викли.

„Никогаш не би го ставил своето име на сценарио што го напишал Лори“, изјави тој неодамна за медиумот.
Арнолд објасни и како изгледал процесот: „Розен и јас седевме и разговаравме што сакаме да правиме во следната сезона, или за некои идеи од кои би можеле да излезат забавни епизоди, нешто ново и поинакво, или какви и да беа нашите глупости, а јас ги запишував. Така си чкртавме и разработувавме идеи. Потоа, веројатно некаде во јуни, се враќаа главниот сценарист и другите сценаристи, а снимањето почнуваше во август.“
Според Арнолд, во сценаријата за различните епизоди на „Розен“ имало „траги од работата на секој сценарист“. Серијата се емитуваше од 1988 до 1997 година, а накратко беше обновена во 2018 година.
Во разговор за Ас викли, Арнолд се пошегува и на сметка на односот со поранешната сопруга: „Луѓето велат: ‘Мојата луда поранешна сопруга — знам на која мислиш. На Розен’. А јас им велам: ‘Таа не е ни блиску до мојата најлуда поранешна сопруга, затоа што немавме заеднички деца’. Најлошото што го направи беше што отиде во ‘Сабота навечер во живо’ и кажа дека имам пенис од три инчи, а тоа е доверлива информација. Такво нешто се носи в гроб.“
„И боинг 747 изгледа мал кога лета над Големиот Кањон“, додаде тој на шега.
Извор: US Weekly