Постои нешто ослободувачко во идејата да доживеете убав момент, а првата мисла да не ви биде како ќе изгледа на Инстаграм. Затоа енергијата на главниот лик полека се повлекува пред новиот пристап кон секојдневието, а дигиталниот минимализам нè потсетува дека не мораме сè да фотографираме, снимаме, објавуваме и чуваме на телефон.
Со години „енергијата на главниот лик“ подразбираше да го гледаме нашиот живот како филм во кој сме главниот лик. Кафе во омиленото кафуле, спонтано патување, совршено поставена маса, концерт, зајдисонце или нова облека – сè можеше да стане содржина. Сега тој однос кон секојдневието се менува. Не затоа што фотографиите и социјалните мрежи исчезнаа, туку затоа што расте потребата некои работи да останат само наши.


Не мора секој момент да стане содржина
Една од најинтересните промени што ги носи дигиталниот минимализам е токму откажувањето од идејата дека убав момент мора да биде документиран за да биде вреден. Викендот може да помине без dump фотографии, вечерата без сторија, а патувањето без детален дневник на Инстаграм. Тоа не значи целосно откажување од телефонот, туку избор на моменти што сакаме да ги споделиме. Наместо автоматско посегнување по камерата, вниманието се враќа на она што се случува пред нас. И можеби токму во тоа е новата верзија на енергијата на главниот лик, не во тоа сите да видат како живееме, туку ние навистина да бидеме присутни во сопствениот живот.
Фотографија за спомен, а не за алгоритам
Фотографирањето, секако, не мора да биде непријател на присутноста. Напротив, некои фотографии сакаме да ги имаме засекогаш. Разликата е во мотивот. Ако фотографираме зајдисонце затоа што сакаме еден ден да се сетиме на него, тоа е нешто сосема различно од чувството дека мораме да направиме совршен кадар пред да можеме да уживаме во него. Истото важи и за патувањата. Не мора секој ресторан да биде означен, секој хотел рецензиран, а секој ден претворен во мини влог. Некои од најубавите спомени можат да останат во галеријата на телефонот – или само во сеќавањето.

Дигиталниот минимализам го враќа фокусот од екраните на вистинскиот живот
Овој заокрет на социјалните мрежи е особено интересен бидејќи се спротивставува на идејата дека нашиот секојдневен живот треба постојано да изгледа интересно. Наместо постојано создавање содржина, сè повеќе има простор за обични, нефилтрирани моменти: долго кафе со пријателите, прошетки, читање неколку страници книга или вечера за време на која телефонот останува во торбата. Можеби затоа новиот lifestyle тренд не е уште еден начин да го направиме нашиот живот естетски за другите, туку токму спротивното – да престанеме да размислуваме како изгледа однадвор.
Енергијата на главниот лик така добива сосема ново значење. Да бидеш главен лик во сопствениот живот не мора да значи да имаш камера постојано вклучена. Понекогаш значи токму спротивното: да го спуштиш телефонот, да погледнеш околу себе и да си дозволиш моментот едноставно да помине – без фотографија, сторија и докази дека се случил.

Фото: @idaheritier / Инстаграм
Извор: Lepota i Zdravlje