“`html
НЕ САМО ЗА МУСКУЛИ: ЗОШТО СЕ ПРОТЕИНИТЕ КЛУЧНИ ЗА ЗДРАВЈЕТО НА МОЗОКОТ И МЕНТАЛНАТА РАМНОТЕЖА
Како доволниот внес на протеини може да влијае на расположението, концентрацијата и општата психичка благосостојба?
Протеините најчесто се поврзуваат со зградување на мускулите и физичката сила, но нивното значење за менталното здравје често останува во втор план. И покрај тоа, овој макронутриент има клучна улога во бројни процеси во мозокот – од создавање на невротрансмитери до стабилизација на нивото на шеќер во крвта и поддршка на функцијата на нервните ќелии. Сето тоа покажува колку се протеините важни за рамнотежата меѓу телото и умот.
ВЛИЈАНИЕ ВРЗ НЕВРОТРАНСМИТЕРИ: СЕРОТОНИН И ДОПАМИН
Протеините можат да имаат важна улога во регулирањето на расположението, бидејќи влијаат на работата на невротрансмитерите – хемиските „гласници“ кои пренесуваат сигнали меѓу нервните ќелии во мозокот.
Одредени аминокиселини кои се наоѓаат во квалитетните извори на протеини се особено значајни. Меѓу нив се триптофан и тирозин, кои претставуваат основа за создавање на невротрансмитери како што се серотонин и допамин.
Серотонин е силно поврзан со расположението, реакцијата на стрес и контрола на апетитот. Триптофан, треба да помине низ сложен процес за да стигне до мозокот, па внесот на протеини богати со аминокиселини ја зголемува шансата овој процес успешно да се одвива и нивото на серотонин да се одржи на здраво ниво.
Тирозин, од друга страна, учествува во создавањето на допамин – невротрансмитерот кој е поврзан со мотивација, фокус и чувство на награда. Затоа, адекватниот внес на квалитетни протеини може да придонесе за ментална рамнотежа и подобра концентрација.
СТАБИЛИЗАЦИЈА НА НИВОТО НА ШЕЌЕР ВО КРВТА
Протеинските оброци помагаат и во регулирањето на нивото на глукоза во крвта. Побавната апсорпција на шеќер спречува ненадејни скокови и падови на енергија кои често влијаат на расположението и менталната јасност.
Сѐ повеќе истражувања покажуваат дека особено растителните протеини можат да придонесат за подобра регулација на глукозата во организмот. Кога нивото на шеќер ненадејно осцилира, телото ослободува хормони како кортизол, адреналин и хормон за растење. Овие промени можат да предизвикаат чувство на нервоза, напнатост или иритација. Затоа стабилното ниво на шеќер во крвта игра важна улога не само во физичкото, туку и во психичкото здравје.
ЗДРАВЈЕ И ФУНКЦИЈА НА МОЗОКОТ
Мозокот во голема мера се потпира на протеините за да ја одржи својата структура и функција. Овој нутриент учествува во формирањето на нервни врски и одржување на синапси – места каде нервните ќелии меѓусебно комуницираат. Протеините во мозокот постојано се обновуваат, па редовниот внес на протеини е неопходен за да се одржи стабилноста на нервниот систем.
Истражувањата покажале дека кај лицата кои страдаат од депресија може да дојде до намалување на волуменот на сивата маса во мозокот, делот од централниот нервен систем кој е задолжен за обработка на информациите, координација и сложени ментални функции. Наспроти тоа, лицата кои редовно користат храна богата со биоактивни протеини често имаат поздраво мозочна структура. Здравите мозочни ќелии се важни за регулација на емоциите, паметењето и когнитивните способности.
ПОВЕЌЕ ОД ОБИЧЕН НУТРИЕНТ
Изборот на квалитетни извори на протеини не е само прашање на исхрана, туку и инвестиција во целокупното здравје. Иако протеинот традиционално се поврзува со мускулната сила и физичката кондиција, неговата улога во функционирањето на мозокот и зачувувањето на менталната енергија е подеднакво значајна.
Со други зборови, адекватниот внес на протеини може да придонесе не само за посилно тело, туку и за постабилно расположение, подобра концентрација и долгорочна ментална благосостојба.
“`