Кои се придобивките од истегнувањето?
Ако сте личност која се грижи за својот изглед и здравје, тогаш веројатно тренирате барем три пати неделно. Но додека внимавате на удобна облека и потребни реквизити за тренинг, честопати може да го занемарите нешто многу важно – истегнувањето.
Професионалните фитнес стручњаци истакнуваат дека голем дел од луѓето имаат навика да го прескокнуваат овој исклучително важен дел од тренингот. Причини се наоѓаат во недостиг на време, уверување дека се веќе доволно флексибилни или едноставно затоа што забораваат и го сметаат за непотребно. Сепак, ваквата навика може да му нанесе сериозна, па дури и непоправлива штета на телото.
Во продолжение, прочитајте ги главните предности од редовното истегнување, на кои вашето тело ќе ви биде длабоко благодарно.
Намалување на болката во мускулите
Сите добро го познаваме оној чувството на затегнатост и болка по интензивен тренинг, кога телото делува круто. Ваквиот дискомфорт е всушност резултат на микро пукања во мускулните влакна, како и на таложење на млечна киселина и други отпадни состојки што се создаваат за време на вежбање. Доколку тие материи останат во организмот, следниот ден ќе чувствувате тешка болка и укоченост.
Истегнувањето помага во олеснување на болките со тоа што ги издолжува мускулните влакна и поттикнува подобра циркулација, со што се овозможува полесно отстранување на отпадните материи. Паралелно со тоа, мускулите добиваат корисни хранливи материи и протеини, што овозможува подобро и побрзо закрепнување, како и подготвеност за следниот тренинг.
Подобрување на циркулацијата
Истегнувањето е исто така многу ефективно во подобрувањето на крвната циркулација. Подобрениот проток на крв значи поголема и побрза достава на хранливи состојки до мускулите, што е од суштинско значење за обновата на мускулното ткиво. Истовремено, тоа го олеснува и исфрлањето на токсини и други штетни материи од телото, што претставува дополнителен бенефит за телесната кондиција.
Подобрување на опсегот на движење
Со редовно и правилно истегнување, го зголемувате опсегот на вашите движења, што овозможува пофлуидно и побезбедно изведување на физички активности. Ова значително го намалува и ризикот од повреди, особено во делот на мускулите и тетивите.
Преку истегнување всушност ја намалувате напнатоста во телото, ја зголемувате еластичноста на мускулите и создавате услови за поголема мобилност, што е особено важно за секојдневната физичка активност, но и за генералното чувство на леснотија и баланс.