Ако сте забележале дека во зимските месеци често се чувствувате изморено, постои објаснување за тоа — но и решение!
Со пократки денови и подолги ноќи не се намалува само расположението, туку се зголемува и чувството на замор. Тоа најчесто се случува поради намалената количина на сончева светлина што ја примаме во текот на денот, што има моќ да влијае врз биолошките процеси во нашето тело.
Добрата вест е дека постои еден едноставен начин да му помогнете на телото да се прилагоди на променливото дневно светло без стрес — и тоа е навика која треба да ја практикувате секое утро веднаш по будењето.
Овој едноставен чекор може значително да го подобри нивото на енергија, го регулира спиењето и позитивно влијае на целокупното здравје.
Клучно е телото да се подготви за активен ден со утринска прошетка во првиот час по будењето.
Сето ова има врска со хемиските реакции што се случуваат при изложување на сонце — односно со порастот и опаѓањето на хормоните кортизол и мелатонин. „Постоји здрав пораст на кортизолот кој се случува рано во текот на денот… ве прави будни, подготвени за движење и активни во текот на денот — било за работа, вежбање, учење или социјален живот. Но исто така активира тајмер во вашиот нервен систем, кој диктира кога мозокот ќе почне да лачи мелатонин, хормон кој не прави поспани“, објаснува д-р Хуберман, редовен професор по невробиологија и офталмологија на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Стенфорд“ во својот најнов подкаст.
Регулацијата на овие хормони ја вршат невроните во нашите очи, кои се активираат од специфичен квалитет и интензитет на светлина, вели тој. „Кога се будиме, очите ни се отвораат. Но ако сме во темна просторија, нема доволно светлина за прецизно поставување на биолошките часовници поврзани со лачењето на кортизол и мелатонин. Можеме да кажеме дека светлината — особено природната, сончева светлина — е 1.000 до 10.000 пати поефикасна од, на пример, будење во мрак и вежбање”, дополнува Хуберман.
Ова не значи дека утринското вежбање во темна теретана нема да помогне да се чувствувате подобро — физичката активност воопшто е корисна за циркадијалниот ритам. Но сепак, светлината останува најважниот фактор. Комбинирањето на двете е можеби најдобриот начин да го подобрите чувството на будност, што може да значи утринско трчање или едноставно пешачење до теретаната наместо возење со автобус — на тој начин добивате дополнително сончево светло уште на стартот од денот.