Додека остатокот од светот уште на почетокот на декември врти „All I Want For Christmas Is You“ на рипит како да е единствената песна на планетата, една личност при тоа се насмевнува на нејзината банкарска сметка – Мараја Кери, неформалната кралица на празничната економија.
Ние слушаме, потпевнуваме, менуваме рипит и again-and-again, а нејзината сметка се полни побрзо од новогодишна честитка со сјај.
Оваа безвременска песна од 1994 година не е само звук на снежни топчиња и варено вино – тоа е златна машина која веќе три децении испумпува пари како да нема утре. Проценките кружат како снегулки, а бројките се зашеметувачки: секоја година песната ѝ носи меѓу 3,8 и 4,6 милиони долари, што значи дека само од овој хит до 2022 година има заработено околу 92 милиони долари. А таа бројка, како и рефренот што никогаш не излегува од глава, само расте и расте.
Вкупното богатство на Мараја денес достигнува импресивни 540 милиони долари, па не е ни чудо што ја носи титулата Кралица на Божиќ. Песната претрпе безброј преработки, пеена од сите – од Аријана Гранде, преку Мајкл Бубле, до тинејџери на ТикТок. Дури влезе и во поп-културата преку филмови како „Love Actually“, каде без неа едноставно немаше да го добиеме тој топол празничен филмски момент.
А што прави една кралица со толку нули на сметката? Троши – се разбира, елегантно и раскошно. Низ годините менуваше недвижности како високи ноти: уште во 1999 година си купи две луксузни недвижности во Њујорк – еден гламурозен пентхаус вреден 8,5 милиони долари и стан за дополнителни 5,4 милиони, чисто како опција број два за одмор од одморот.
И така, додека ние бараме совршена топка за елката и договараме колку француска салата е доволна, Мараја само го крева тонот, пушта ѕвонче – и станува побогата за уште некој милион.
Зашто, реално – не е Божиќ додека рефренот не ти заѕвони во глава.