Секоја сезона си има своја боја изненадување – онаа нијанса што тивко се појавува на модните писти, а потоа преку ноќ станува опсесија
Оваа есен таа титула ѝ припаѓа на една боја која отсекогаш била тука, но сега доживува своја најелегантна ренесанса: маслинесто зелената. Тоа е онаа боја што зрачи со смиреност, зрела елеганција и суптилен луксуз. Доволно неутрална за да одговара со сè, а сепак доволно впечатлива за да изгледате стилски, дури и кога не сте се потрудиле премногу. Со години ја поврзувавме со карго панталони, војнички јакни и утилитарни блејзери, но оваа сезона маслинесто зелената влегува во нова, префинета фаза – тивкиот луксуз, на шик начин.
Маслинесто зелената е новата црна – тоа го потврдуваат најголемите модни имиња
Модни куќи како Прада, Фенди и Гучи веќе ја вметнаа во своите најлуксузни креации: кожени чанти, плетени макси фустани, елегантни капути и совршено скроени сетови. Модната порака е јасна: маслинесто зелената е доволно рафинирана за да ја замени црната, а доволно современа за да изгледа свежо и во тренд.
Како да ја носите оваа сезона?
Маслинесто зелената функционира како нова неутрална основа, што значи дека оди речиси со сè. Ова се најмодерните комбинации што гарантираат „wow“ ефект:
– Со крем, беж и карамел тонови – за топла, есенска рамнотежа.
– Со циглано портокалова – комбинација што изгледа како моден едиторијал.
– Со длабока кафена – за луксузна, земјена хармонија.
– За посмелите – со бордо или кобалт сина, двете врвни нијанси на сезоната.
Во галеријата ве очекуваат инспиративни стајлинзи што докажуваат зошто маслинесто зелената е апсолутната кралица на есенскиот стил.