Есента пристигна, а со неа и сите оние модни дилеми околу канцеларискиот стил
Деновите стануваат се постудени, слоевитото облекување е неизбежно, а наутро сакаме да изгледаме шик, без да потрошиме повеќе од пет минути пред огледало. Заборавете на строгите костими и црните салонки – оваа есен канцеларискиот изглед значи спој на удобност, елеганција и мал, тренди момент, со парчиња кои функционираат и во канцеларија, и на попладневни коктели. Mango директно ја погоди сржта со својата нова колекција. Од костими и јакни, преку макси здолништа, до фино плетиво што и грее и визуелно фасцинира – сè е тука. Класичните деловни парчиња брендот ги претвори во нешто сосема свежо и модерно, доволно модерно за да привлече погледи, а сепак доволно елегантно за да изгледа сериозно кога е потребно.
Кафеавата и сивата сезонава добиваат сосема нова приказна: кафеави костими комбинирани со oversize или кожени јакни, макси здолништа со топло, меко плетиво, бомбер јакни и дуксерки во елегантни варијанти – дури и кежуал парчињата сега изгледаат како од модна писта.
Плетивото оваа есен е едноставно, но впечатливо – тенки ролки, долги плетени фустани и oversize џемпери кои лесно се комбинираат со фармерки или панталони. Кошулите и костимите веќе не се строги класици, туку посвилени, пофлуидни, со доза лежерност која ги прави носливи и надвор од работното место. Дури и тексасот носи современ, кежуал призвук во канцеларискиот стил, покажувајќи дека и во канцеларија може да се изгледа опуштено, но беспрекорно стилски.
Новата Mango колекција докажува дека деловната гардероба веќе не е крута и предвидлива. Напротив – таа е забавна, шик и практична, токму онаква каква што сакаме да ја носиме секој ден, од првиот утрински состанок до вечерните активности.
Есента во канцеларија никогаш не изгледала подобро.