Деми Мур знае како да ги помести границите на елеганцијата, а овој пат докажа дека едно моќно одело може да биде исто толку гламурозно и впечатливо како најраскошниот вечерен фустан.
На Forbes Power Women’s Summit 2025 во Њујорк, славната актерка блесна во стајлинг кој комбинира авторитет, префинетост и совршен есенски шик.
За оваа пригода, таа избра изглед потпишан од Сент Лоран, кој зрачи со париски шарм и британска класика. Карирано сако во топли нијанси на кафеава, црвена и црна, со изразени раменици, го носеше откопчано, откривајќи бела кошула и лежерно врзана кравата во ист дезен – детаљ што внесе доза ненаметлив гламур. Комбинацијата беше дополнета со здолниште до колена во сенф и црно карирано, а целокупниот изглед го заокружија кафеави slingback салонки и чанта во истиот тон од Сент Лоран.
Дискретните, но луксузни аксесоари му дадоа дополнителна доза на софистицираност на целиот изглед. Кога станува збор за убавинскиот момент, ѕвездата блескаше благодарение на нејзиниот glam тим: Димитрис Џанетос ја исправи нејзината долга коса во совршено мазна и сјајна форма со glazed ефект, додека шминкерот Рокаел Лизама ја истакна природната убавина со руменило во розови тонови и нежна карамел-розова нијанса на усните. Резултатот? Совршен баланс меѓу моќ и женственост.
Деми Мур уште еднаш докажува она што многу жени го чувствуваат – добро скроено сако може да биде подеднакво заводливо и незаборавно како најгламурозниот кутур фустан.