Зошто треба да му се насмевнувате на вашиот пес?
Научниците веќе подолго време се обидуваат да откријат како точно се создава довербата помеѓу човекот и кучето.
Очигледно, конечно пронашле одговор на тоа прашање. Последно истражување спроведено на Универзитетот во Хелсинки покажало дека кучињата внимателно го следат изразот на лицето на својот сопственик и соодветно реагираат.
Според резултатите од истражувањето, хормонот окситоцин има клучна улога во социјалната интеракција помеѓу луѓето и кучињата. Добрината и довербата се развиваат на едноставен начин – преку насмевка, која поттикнува ослободување на таканаречениот хормон на љубовта – окситоцинот.
Со цел да ја потврдат својата теорија, истражувачите направиле експеримент, при што на група кучиња им биле прикажани фотографии од луѓе со насмевка и луѓе со лут израз на лицето. Реакциите на кучињата биле следени преку апарати за следење на движењата на очите. Како што може да се претпостави, лицата со лут израз буделе непријатни емоции, а кучињата се припремале за одбрана, додека пак насмеаните лица предизвикувале пријатни чувства и чувство на сигурност кај животните.
Имајќи го ова предвид, најдобро нешто што можете да го направите за вашиот пес е да му се насмевнувате секојпат кога ќе го погледнете. Во ваше присуство, тој ќе се чувствува многу посигурно и порелаксирано, а вие побрзо ќе изградите блиска и пријателска врска со него.