Жената која ќе одреди како ќе изгледа највлијателното модно списание во следната деценија!
По речиси четири децении на чело на американското издание на магазин „Вог“, Ана Винтур го предава кормилото. Завршува една ера која не само што го обликуваше светот на модата, туку и целата поп-култура. На нејзино место доаѓа Клои Мал, 39-годишната ќерка на легендарната актерка Кендис Берген и славниот француски режисер Луј Мал.
Спекулациите што со месеци кружеа низ модните кругови конечно добија свој епилог – Ана Винтур лично ја избра својата наследничка, оставајќи сопствен печат на новото поглавје на американското издание. Иако останува на позицијата главен директор за содржина во „Конде Наст“ и глобална уредничка на сите изданија, Винтур се повлекува од секојдневното управување со американската редакција, препуштајќи ѝ на Клои Мал да ја обликува иднината на модната „Библија“.
Патот од почетничка до наследничка
Клои Мал не е непозната во модниот свет. Таа зачекори во редакцијата во 2011 година како уредничка за социјални медиуми, по што напредуваше до позицијата соработничка уредничка, а потоа и уредничка на дигиталното издание. Со тек на време го освои доверието на колегите и читателите, докажувајќи дека зад нејзиното презиме не стои само фамозно потекло, туку и личен талент и работна етика.
Завршила литература и креативно пишување на престижниот Универзитет Браун, а првите новинарски чекори ги направила во „Њујорк Обзервер“. Никогаш не дозволила нејзиното потекло да биде нејзина единствена препорака – својот пат го градела трпеливо, со дисциплина, креативност и јасна визија.
Меѓу нејзините позначајни проекти се издвојува ексклузивното интервју со Лорен Санчез, непосредно пред раскошната венчавка со Џеф Безос во Италија, како и уредувањето на специјални изданија и подкасти на медиумскиот гигант.
Приватно – дама од сенка
Иако живее живот на високо ниво, Клои се опишува како личност која повеќе ужива во мирот на домот отколку во светлата на модните настани. Од 2015 година е во брак со Грејам Макграф Алберт, со кого има две деца – синот Луј (2020) и ќерката Алис (2022). Обожава да готви, ги цени семејните моменти и го обожава своето куче, а најубавите моменти често ѝ се далеку од модните писти и црвените килими.
Печатот на Ана Винтур
Одлуката токму Клои Мал да ја преземе уредничката фотелја не ги изненади оние што ја познаваат културата на „Вог“. Иако во обѕир се земале и други имиња – како Никола Фелпс и Ева Чен од „Инстаграм“ – Винтур ја избра личноста која ја гледа како најавтентичен мост меѓу престижот на печатеното издание и дигиталната револуција.
Како што самата Ана Винтур изјави пред редакцијата: „Суштината на нашиот идентитет е во постојана еволуција. Најголемото задоволство ми беше да негувам нови таленти.“
Со Клои Мал го пронајде токму тоа што го бараше – свежа визија што ја почитува традицијата, но знае да комуницира и со публиката на „ТикТок“, „Инстаграм“ и преку подкасти.
Иднината започнува сега
Пред новата уредничка е предизвик – да се зачува непоколебливиот статус на магазин „Вог“ како симбол на луксуз и елеганција, но и да се освои новата генерација која живее во постојан дигитален ритам.
Судејќи по нејзината досегашна кариера, Клои Мал ги има сите адути – наследство на големо име, академско образование, новинарска дисциплина и длабоко разбирање на душата на „Вог“. Започна нова ера, а таа e жената која ќе го одреди изгледот на највлијателниот моден магазин во светот во наредните десет години.