Кој ќе ја наследи модната империја на Ѓорџо Армани? Одговорот ќе ве изненади
Ѓорџо Армани, легендата што го претвори италијанскиот минимализам во глобален синоним за луксуз, замина тивко, но зад себе остави модна империја вредна повеќе од 10 милијарди долари.
Човекот кој беспрекорно го редефинираше кројот на сакото и создаде бренд што дише софистицираност, не остави еден наследник – туку цел систем кој ја чува неговата филозофија на стилот.
Роден во Пјаченца, Армани ја започна својата модна кариера во шеесеттите, работeјќи за Нино Черути. Откако во 1975 година го основа својот бренд, модниот свет доби нова естетика: чисти линии, лесни силуети и неутрални тонови кои кажуваат повеќе од кој било логотип. Неговите модели ги носеа Ричард Гир во филмот „Американски жиголо“ и Мишел Фајфер на Оскарите – моменти што засекогаш го запечатија името Армани во историјата на модата.
Неговата дисциплина беше легендарна – утрински тренинзи, строг работен ритам и едноставна исхрана. По секоја ревија ќе излезеше на писта облечен во темносина маица и чино панталони – симбол на неговата филозофија „луксуз без врева“.
Империја без „крунисан“ наследник
Армани никогаш немаше свои деца и ја одби идејата за еден „одбран“ наследник. Неговата најблиска соработничка – а воедно и член на семејството – беше неговата внука Роберта Армани, дамата која му помогна на италијанскиот гламур да влезе во Холивуд. Незаборавен е моментот кога токму таа го организираше гламурозното венчавање на Том Круз и Кејти Холмс, за кое Армани лично ја дизајнираше облеката.
Во креативниот тим клучни улоги имаат и Силвана Армани, задолжена за женските колекции, како и долгорочниот соработник Панталео (Лео) Дел’Орко, умот зад машкиот дел од брендот. Тука се и сестрата Розана и другата внука, Андреа Армани, кои заедно ја сочинуваат семејната основа на брендот.
Фондација што го чува ДНК-то на брендот
Уште во 2016 година, Армани ја основа Фондацијата Ѓорџо Армани – паметно осмислен систем кој јасно ја дефинира судбината на компанијата. Акциите се поделени во шест блока, правото на глас строго регулирано, а клучното правило е: брендот нема да излезе на берза најмалку пет години по неговата смрт. Тоа значи – нема брзи продажби, нема губење на независноста, нема компромиси кога станува збор за стилот.
Повеќе од мода – стил на живеење
Армани својата визија ја имплементираше во хотели, луксузни одморалишта, ентериер дизајн и престижни станбени објекти, како реномираната адреса на Медисон авенија број 760 во Њујорк. Неговата најнова продавница таму заработи 3 милиони долари за само два дена.
Дури и во своите деведесетти години, тој неуморно создаваше, ширеше продажна мрежа и отворено го искажуваше своето мислење – без разлика дали станува збор за Ана Винтур или Миуча Прада.
Наследство што живее засекогаш
Иако тивко го следеше тага што нема свои деца, своето „семејство“ го најде во соработниците, пријателите и блиските луѓе. Неговиот музеј во Милано и Фондацијата се гаранција дека она што го нарекуваме „Вери Армани“ – совршено скроената едноставност – ќе продолжи да инспирира идни генерации.
Империјата сега живее преку тимската визија на Роберта, Силвана, Андреа и Дел’Орко, кои ќе ги чуваат трите темели на Армани филозофијата: едноставност, квалитет и вечна елеганција.
Зашто, иако Ѓорџо Армани повеќе не е физички присутен, неговиот стил и начинот на кој ни покажа што значи вистински, ненаметлив луксуз – никогаш нема да избледат.