Совршен десерт подготвен во само неколку чекори: Пробајте го уште денес рецептот на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ
Покрај тоа што со години нè воодушевува со своите романи и есеи, Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ наоѓа посебен начин да ја изрази својата креативност и во кујната.
Нејзиниот рецепт за тарт со сливи е вистински доказ дека едноставните работи носат најголемо задоволство. Ова е колач кој ќе ве освои уште од првиот залак, бидејќи го спојува традиционалниот вкус, мирисите од детството и топлината на домот во еден совршен залак.
Мирјана го сподели овој рецепт со желба секоја домаќинка да најде инспирација, но и практичност во неговата подготовка.
Тартот се подготвува брзо, без многу мака, а најдобро од сè – речиси и да нема садови за миење.
Потребни состојки:
- 150 г путер или маргарин
- 200 г брашно
- 1 прашок за пециво
- малку цимет
- шеќер по желба
- 1 лажица оцет
- 1 јајце
- џем од сливи
- свежи сливи (пресечени на половини)
- сечкани ореви
Подготовка:
Подготовката започнува со соединување на следниве состојки – путер, брашно, прашок за пециво, цимет, шеќер, оцет и јајце – додека не се добие мазно и хомогено тесто, погодно за работа. Кога тестото ќе биде подготвено, се расукува на дебелина од околу половина сантиметар, а потоа внимателно се префрла во подмачкан и со брашно наросен плех. За да се испече рамномерно, тестото се прободува со вилушка, па се пече во рерна загреана на 180°C сè додека благо не порумени.
Кога ќе се испече, кората се вади од рерната и се премачкува со џем од сливи, кој ѝ дава посебна сочност и арома. Потоа се посипуваат сечкани ореви, а врз нив внимателно се редат половините од сливите, кои на колачот му даваат идеален баланс помеѓу слаткото и киселкастото. Така подготвениот тарт накратко се враќа во исклучена, но сè уште топла рерна, за сите вкусови да се спојат.
Кога тартот доволно ќе се излади, подготвен е за сервирање. Мирисите од ванила, путер и цимет ќе го исполнат домот и ќе ве потсетат на најсладките моменти од детството.
Тартот може дополнително да се посипе со шеќер во прав, или да се послужи со топка сладолед од ванила – затоа што токму тогаш неговата арома доаѓа полн израз.
Овој десерт е совршен за попладневни мигови со кафе или чај, кога семејството и пријателите се собрани околу трпезата и уживаат во секој залак.
Едноставен, а богат со вкус – рецептот за тарт со сливи на Мирјана Бобиќ Мојсиловиќ сигурно ќе стане омилена слатка која ќе ја подготвувате често, бидејќи како што самата авторка вели:
„Овој ден е создаден за домот да замириса на ванилин шеќер, цимет и тарт од сливи.“