Зад црвените теписи, блесокот на рефлекторите и гламурозните сценски имиња, се крие една сосема поинаква приказна – онаа што ретко кој ја гледа.
Холивуд, поп-сцената и светот на славата обожаваат звучни имиња што одекнуваат моќно, се паметат лесно и совршено се вклопуваат на насловна страница. Но реалноста? Па… многу често е далеку помалку спектакуларна.
Додека на сцената не освојува ексцентричната и бескомпромисна Лејди Гага, во матичната книга на родените стои – Стефани Џоан Анџелина Германота. Името повеќе наликува на лик од италијанска семејна драма, отколку на поп икона. А легендарниот Елтон Џон? Тој всушност е Реџиналд Кенет Двајт. Да, Реџиналд – малку веројатно е дека тој би полнел стадиони со тоа име.
Култната Мерилин Монро, вечната дива на златниот Холивуд, е родена како Норма Џин Мортенсон – име коешто не ја содржи онаа магична аура на заводливост со која таа стана бесмртна. Грациозната и софистицирана Натали Портман всушност се вика Нета-Ли Хершлаг, додека мистериозниот Хоакин Финикс е роден како Хоакин Рафаел Ботом. Презимето Финикс го избрал заедно со своето семејство – симболично, како знак на нов почеток по тешко детство и растење во околина на контроверзна секта.
Понекогаш, промената на името е чисто прашање на маркетинг и звучност. Оскаровецот Џејми Фокс е всушност Ерик Марлон Бишоп, а Бруно Марс – Питер Џин Ернандез, на кого менаџерите му предложиле нешто „повселенско“ за да одговара со неговиот фанки стил. Дејвид Боуи бил Дејвид Роберт Џоунс, но го сменил името за да не го мешаат со друг музичар од тоа време. Дури и Били Ајлиш, во личната карта го носи прилично долгото име – Били Ајлиш Пајрат Берд О’Конел. Кејти Пери е всушност Кетрин Елизабет Хадсон, но го сменила презимето за да не ја мешаат со актерката Кејт Хадсон.
Некогаш, зад изборот стои семејна приказна – како кај Џенифер Анистон, чииот татко, глумец со потекло од островот Крит, е роден како Јован Анастасакис, но го „холивудизирал“ своето име во Џон Анистон.
А понекогаш, сѐ се случува сосема спонтано – како кај Мајли Сајрус, која вистински се вика Дестини Хоуп Сајрус. Надимакот „Мајли“ произлегува од „Смајли“, бидејќи како дете постојано се смеела. А тука се и оние случаи кога вистинското име едноставно не звучи сценски – како кај Вупи Голдберг, родена како Карин Елејн Џонсон.
Во светот на рапот, правилата се исти: Пост Малон е Остин Ричард Пост, Снуп Дог – Келвин Кордозар Бродус Џуниор, додека Ајс Кјуб е всушност О’Шеј Џексон. Иконичната Шер е родена како Шерилин Саркисијан, Деми Ловато е Деметрија Девон Ловато, а Ники Минаж – Оника Тања Мараж.
Сето тоа нѐ потсетува на едно нешто – Холивуд и поп-индустријата се вистински фабрики за идентитет. Тие ги претвораат обичните имиња како Реџиналд, Карин или Нета-Ли во симболи на гламурот. За ѕвездите, новото име не е само збор на постер – тоа е пасош за еден целосно различен свет, осветлен од рефлектори, преполн со обожавање и целосно уверлив во својата бајковитост.