Звучи неверојатно, но науката токму тоа го потврди – само еден единствен тренинг може да поттикне лавина на заштитни процеси во телото кои го забавуваат растот на канцерогените клетки.
Ново истражување спроведено на Универзитетот Едит Кован во Австралија носи револуционерни сознанија кои го менуваат нашето разбирање за физичката активност – не само како средство за подобар изглед, туку и како потенцијално оружје во борбата против ракот.
Во истражувањето учествувале жени кои преживеале рак на дојка, а биле испитувани реакциите на нивното тело по само една сесија на интензивна физичка активност – било да се работи за тренинг со отпор или HIIT рутина (високоинтензивен интервален тренинг). Резултатот? Зголемување до 30% на миокини – специфични протеини што ги лачат мускулите и кои, меѓу другото, го блокираат развојот на раковите клетки.
Миокините често се нарекуваат „хемиски гласници“ бидејќи ги поврзуваат мускулите со остатокот од телото, го зајакнуваат имуниот систем и ги намалуваат воспалителните процеси – фактори со клучна улога во борбата со канцерот. А она што е навистина зачудувачко: ефектите се видливи веднаш, по само една физичка активност.
Главниот истражувач, Франческо Бетарига, нагласил дека физичката активност не треба повеќе да се гледа како обична рекреација, туку како вид на терапија. Особено кога се комбинира со намалување на телесните масти и зголемување на мускулната маса. Бидејќи без мускули – нема миокини, а без миокини – телото останува без својот природен заштитен штит.
Затоа и е важно предупредувањето за оние што сакаат да слабеат само со диета: без физичка активност, организмот нема сила да ги активира механизмите на самоодбрана.
Оваа студија совршено се вклопува во сѐ пошироката научна слика која сѐ повеќе ја промовира физичката активност како клучен столб во превенцијата и рехабилитацијата кај лицата заболени од рак. Правилно осмислени тренинзи – прилагодени на способностите на секој поединец – не само што носат физичко и ментално зајакнување, туку и реална поддршка во лекувањето.
Пораката е јасна: твоето тело има сила да се бори – само дозволи му да покаже колку е моќно. Доволен е само еден тренинг за сѐ да тргне во позитивна насока.