Со слоганот „Заедно, одговорно и посветено“ Драган Ковачевски поднесе кандидатура за претседател на СДСМ


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со насловен слоган „Заедно, одговорно и посветено“ на програмата актуелниот заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски денеска поднесе кандидатура за лидер на СДСМ.

Тој вели дека СДСМ минува низ предизвик во кој мора да се промени и порача дека секој член во партијата ќе биде значаен и слушнат. Неговата програма, рече, се базира на три столба.

„Програмата се базира на три основни столба, а тоа се: социјалдемократска визија – јасни социјалдемократски вредности од кои извираат принципите, вредностите на работењето и резултатите од него; економски раст односно посветеност кон економските политики и зголемување на животниот стандард на граѓаните; трето е фер шанса и јасен и правичен систем со одговорности во кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата за унапредување на системот и исполнување на сите проекти кои се ветени пред граѓаните“, изјави Ковачевски.

Тој повика и партиските членови и граѓаните да ја прочитаат програмата за да видат што планира да се преземе за да се остварат ветените проекти и да се подобри општествениот живот, а со цел, како што рече, СДСМ да извојува сигурна победа на следните претседателски и парламентарни избори.

Враќањето на единството во партијата, порача Ковачевски, ќе му биде една од основните заложби.

„СДСМ го има најголемиот кадровски потенцијал во државата, актуелното раководство е избрано само пред седум-осум месеци. Ако го анализираме изборниот резултат тој се должи на повеќе фактори. Еден од факторите е тоа што СДСМ настапи без дел од коалициските партнери, дел од граѓаните и политичките активисти кои беа во коалиција настапија сами со свои листи и дел од партиските членови настапија со свои листи и кандидати. Една од моите основни заложби е да го вратиме единството во партија, во општеството за да можеме да имаме и посилни демократски партии и посилно општество бидејќи најзначајно за нас е да ја вратиме вербата дека можеме и мораме сами да го унапредиме нашето општество имајќи го предвид јасниот пат на нашата држава во европските интеграции“, рече кандидатот за лидер на СДСМ.

На прашањето колку лидерот во заминување Зоран Заев ќе влијае на неговите одлуки, Ковачевски уверува дека ќе го докаже својот интегритет.

„И денеска сте сведоци дека кандидирањето се одвива врз основа на постапка која предвидува самокандидирање. Јас штотуку ја донесов мојата кандидатура. Моето работење и интегритет јас ќе го потврдам преку работењето, политиките и одлуките кои ќе ги носам, доколку бидам избран за претседател на партијата“, рече Ковачевски.

Околу тоа дали ако стане претседател во новото партиско раководство ќе има место за дел од актуелното раководство, тој рече дека не сака да прејудицира, со оглед дека по непосредните избори за нов претседател следува постапка која предвидува одржување конгрес на кој се изјаснуваат делегатите и се потврдуваат членовите на Централниот одбор, од кој, пак, потоа се избираат членови на Извршниот одбор.