Меркел ја „поздрави“ германската јавност: Заборавете на забави и масовни новогодишни прослави


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Германската канцеларка Ангела Меркел вчера упати апел до граѓаните дисциплинирано да се придржуваат до новите мерки на затворање кои таму на сила стапија од вчера и ги намали надежите дека по четири недели, колку што мерките би требало да останат во сила, би можело да биде возможно враќање во нормала.

„Треба да се подготвиме за Божиќ во сенка на коронавирусот. Но, не мора да биде Божиќ на осаменост“, рече Ангела Меркел по состанокот на т.н. корона кабинет.

Во исто време, таа најави дека нема да има вообичаени прослави на новогодишната ноќ.

„Неограничени забави за новогодишната ноќ или масовни прослави за Нова Година нема да бидат можни. Светлото на крајот од тунелот е сè уште многу далеку“, рече Меркел.

Таа уште еднаш ги повика граѓаните да се придржуваат до досегашните и новите мерки во борбата против ширењето на коронавирусот.

„Секој од нас одлучува за тоа дали ќе го паметиме овој ноември како заеднички успех, а придржувањето кон мерките во тоа е клучно“, рече Меркел.

Таа објасни дека сегашната ситуација со порастот на бројот на заразени сè уште дава повод за загриженост.

„Денес бележиме трикратно зголемување на бројот на заразени лица во споредба со средината на октомври. Ако ова продолжи, капацитетите на болниците ќе бидат преоптоварени“, рече Меркел и додаде дека треба да се дојде до ситуација во која повторно ќе биде можно да се следи текот на заразата, што веќе некое време не е можно.

Германската канцеларка објасни дека во моментов во Германија бројот на новозаразени во последните 24 часа на 100.000 жители изнесува 127, и дека целта е тој да падне под 50.

„Ние мора да го намалиме бројот на контакти, што е можно повеќе да работиме од дома, да избегнуваме посета на роднини и да избегнуваме прослави. Со ова се создаваат услови за декември што може да се издржи“, рече Меркел и додаде дека може да го разбере незадоволството на некои од новите мерки, но дека нејзина задача е да ги убеди луѓето во неопходноста од мерките.

На прашањето зошто е забранета посета на ресторани и театри, но не и на цркви и училишта, германската канцеларка го објасни ова со уставно правните причини.

„Правото на образование и практикување на вера заземаат висока позиција во Уставот и таа одлука е донесена со експертите по уставно право“, рече Меркел.

Таа истакна дека повторно ќе се сретне со премиерите на покраините во средината на овој месец за да се утврди дали новите мерки на затворање даваат резултати.