Без ограничена комуникација, Мијалков во домашен притвор на Водно


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако му беше изречена само мерка домашен притвор, без ограничување на комуникациите, Сашо Мијалков излезе од Шутка и веќе е во својот дом на Водно, каде според судското решение треба да го издржува куќниот притвор.

Иако првично СЈО бараше и ограничување на комуникацијата со обвинети и сведоци, на крај го повлекле барањето. Неговата одбрана тврди дека немало основ за барањето на специјалното обвинителство.

„Неосновано беше првичното барање за забрана за комуникација бидејќи по поднесена жалба за укинување на притворот претходниот месец, Кривичниот совет му го укина ставот 2, односно влијание врз сведоци, притворот му стоеше само поради опасност од бегство“ – тврди одбраната на Мијалков.

Но, СЈО за нешто повеќе од еден месец неколкупати ги промени барањата за мерки за Мијалков. На 20 ноември доби притвор за предметот со масовното прислушување. Две недели потоа побара укинување на тој притвор и одредување нов за истрагата „Империја“. Вчера даде позитивно мислење поранешниот директор на УБК да излезе од притвор, а шефицата Катица Јанева во тв – интервју порача дека нема опасност од бегство. Што се случило во меѓувреме за да се сменат ставовите во СЈО, нема одговор.

Полицијата сега не го чува Мијалков 24 часа во неговата куќа, туку прави проверки.

Пуштањето од притвор на Сашо Мијалков се случи во еден ден. Јавноста реагира дека за разлика од викендот кога за Груевски беше викенд и не го бараа судските курири, сега за Мијалков судијката Весна Димишкова била вратена од дома.

Од Кривичен демантираат дека има двојни аршини и велат дека притворските предмети се итни. Ја негираат и информацијата дека судијката Димишкова била вратена од одмор, бидејќи празниците за неа почнувале после Нова година.

Сашо Мијалков е опфатен во 4 активни обвиненија, „Трезор“, „Таргет-Тврдина“, „Титаник 2“ и „Тортура“, а осомничен е во најновата истрага „Империја“.