Екс градоначалникот на Центар призна проневера и врати 437.000 евра за мостот „Око“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Бившиот градоначалник на скопската општина Центар, Владимир Тодоровиќ, кој е осомничен за проневера на пари за изградба на мостот „Око“, ја признал финансиската злупотреба и ги вратил парите од истата уплаќајќи на општинската сметка 437 000 евра.

Тој заедно со уште двајца – поранешен секретар во општина Центар и вработен во Секторот за уредување на градежно земјиште добија кривични пријава за злоупотреба на општинските пари.

Во текот на постапката, која ја водеше Финансиката полицијата, пријавените се согласиле да ја надоместат штетата и на 30 јуни 2018 година тие веќе ги вратиле парите на сметка на општината.

Ова не значи дека постапката против осомничените ќе запре, рече директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми и кажа дека кривичните пријави веќе се поднесени до Основното јавно обвинителство Скопје.

„Враќањето на парите не значи амнестија за кривично дело“, рече Муареми.

Муареми најави дека освен за мостот „Око“ се водат предистражни постапки и за други објекти од проектот „Скопје 2014″.

Тој рече дека се испитува дали се префрлале пари во странство, но не сакаше да открие детали за да не влијае на текот на постапките. За дел од случаите поврзани со Скопје 2014, Арафат кажа дека соработува со Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Извор: Нова ТВ