600 евра за мегават/час – толку се продава струјата во Европа


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Во текот на вчерашниот ден струјата на европските берзи достигна цена од 600 евра за мегават/час.

Иако македонските власти велат дека нема да има рестрикции, веќе се прават пресметки за можно непокривање на потребите за електрична енергија на домаќинствата од 20%. Прогнозите се дека веќе во јануари на берзите цената на струјата ќе биде и до 1.000 евра. По проблемите со работата на нуклеарните централи во Франција цената за еден мегават час таму веќе достигнува и до 1.000 евра.

Актуелните поскапувања на струјата во Европа се последица на екстремно високата цена на гасот и лошата хидролошка состојба на целиот континент.

Во Македонија веќе е најавено дека од јануари цената на струјата уште еднаш ќе поскапи. Поскапувањето на електричната енергија е неминовно, но ќе биде благо, уверуваат властите. Според владината одлука, од 1 септември стапуваат мерките за штедење. Со нив, државните институции имаат конкретни задолженија кои мора да ги почитуваат како што се исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, да не се користат сијалици кога има доволно светлина, климите да се местат не пониско од 27 степени во сезона на ладење и не повисоко од 20 степени во сезона на греење, да се заменуваат старите сијалици со шделиви и да се исклучуваат компјутерите.

Владата денеска се очекува да донесе одлука за прогласување на кризна состојба за електричната и топлинската енергија која ќе важи од 1 септември. Oд Електростопанство на Македонија велат дека работат со максимален капацитет и во функција ќе бидат ставени сите расположливи капацитети.

Комуналните претпријатија од државата бараат помош од Владата поради зголемените трошоци со поскапувањето на струјата. Ако нема помош, најавуваат промени на цените на услугите… Следува маѓепсаниот круг на поскапувања поради поскапувањето на струјата.

Цела Европа се подготвува за организирано исклучување на електричната енергија за индустријата и домаќинствата во текот на зимата. И македонските власти се согласни дека зимава ќе биде една од најтешките зими во последниве 70 години.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека спојувањето на енергетската, финансиската и здравствената криза неминовно бара и единствена државна агенда, сега и веднаш.

„Бизнисот е пред колапс. Не може да го издржи ударот од високите сметки за струја. Владата итно мора да помогне. Во спротивно многу фирми ќе мора да стават клуч на врата, а работниците ќе останат на улица. Мора да се зголеми домашното производство, да се набави јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино, Тето да се стави во функција цела година, за да нема прекин во производството ако Русија или Бугарија го запрат вентилот за испорака на гас, но и да се поедностават процедурите за инсталирање фотоволтаици. Во моментов 45 мегавати инсталирани фотоволатаици чекаат приклучок на мрежата на ЕВН“, изјави потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.

Од Владата засега нема одговор дали и каква помош е подготвена да даде на компаниите. Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна изјави дека се разговара и со министерствата за енергетика на Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети и проблеми со снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар.