45 македонски државјани сопственици на недвижнини во Дубаи


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Според резултатите од истражувањето на норвешкиот медиум Е24, 45 македонски државјани поседуваат 55 недвижнини во Дубаи. Е24 до овие податоци дошле преку документи за имотите на странци во оваа блискоисточна метропола од Центарот за напредни одбранбени студии со седиште во Вашингтон

Имотите на македонските државјани според објавените податоци чинат 14 милиони долари. Нема имиња на лицата кои ги поседуваат имотите, пренесува МКД.МК.

Во извештајот се опфатени 800.000 имоти кои се сопственост на 274.000 поединци и компании од целиот свет.

Репортерите открија дека дел од личностите кои биле предмет на истрагата биле ставени под меѓународни санкции, осудени за злосторства или се под истрага. Останатите, богатство претворено во имоти во Дубаи не го пријавиле во своите матични земји.

Врз основа на информации од јавен карактер, истрагата процени дека странците вложиле над 145 милијарди долари на пазарот на домување во Дубаи.

Најголем број од лицата кои поседуваат имот се од руско потекло, 5.381 кои поседуваат 9.755 недвижнини со вредност од 3,344 милијарди долари. Меѓу нив се олигарси, политичари или јавни функционери, а потоа следат државјани на Европската Унија, а меѓу нив и неколку европски политичари и пратеници, обвинети за лошо управување со јавните фондови или за непријавување на целосниот обем на нивните приходи и имот.

Една од значајните личности присутни во протекувањето е Руслан Баисаров, руски бизнисмен со блиски врски со Рамзан Кадиров, чеченскиот владетел и близок сојузник на Владимир Путин. Во протекувањето е присутен и Александар Бородај, кој стана „премиер“ на самопрогласениот украински регион Доњецк во 2014 година, кога Русија првпат ја нападна Украина.

Новинарите го следеа имотот на словачкиот бизнисмен Мирсолав Вибох, кој бега од обвиненија за корупција и се верува дека се крие во ОАЕ.

Од балканските простори, во истражувањето се наведени поименично двајца бугарски државјани кои се дел од листата: Ирена Крастева, сопственичка на медиуми во Бугарија и мајка на осудуваниот политичар и пратеник Дељан Пеевски, која поседувала вила вредна половина милион долари, како и Велико Желев, поранешен директор на државната агенција за патишта, обвинет за финансиски криминал тежок 11,5 милиони евра, кој во Дубаи поседувал дури 10 апартмани.

Според Извештајот, на списокот има и косовски државјани кои имаат „помалку од 5 имоти“, во сопственост на „помалку од петмина сопственици“, а вредноста е околу еден милион долари. 17 луѓе од Албанија во Дубаи имаат регистрирано 19 „офшор“ имоти со вкупна вредност од 7 милиони долари.

Од соседните земји, Србија има најмногу имоти вкупно 287 кои се сопственост на 237 српски државјани со вкупна вредност од 74 милиони долари.

Словенија има 56 имоти кои ги поседуваат 46 тамошни државјани, а вкупната вредност им е 26 милиони долари. Вкупно 125 имоти со вредност од 43 милиони долари поседуваат 94 хрватски државјани.

Жители (68) на Босна и Херцеговина, пак, поседуваат 105 имоти со вредност од 27 милиони. 11 Црногорци поседуваат 16 имоти во Дубаи со вредност од 7 милиони долари.

И Грците не пропуштиле да купуваат имоти во Дубаи. 517 Грци поседуваат 1.007 имоти со вредност од 327 милиони долари.

Истражувачите констатираат дека дел од овие имоти можеби се законски стекнати, но ако се „офшор“ инвестиции, тогаш работите се менуваат. Според ова истражување, многу граѓани во светот купуваат имоти во Дубаи за да избегнат данок или да перат пари заработени на незаконски начин.