Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Судскиот совет на денешната седница го назначи за в.д. претседател на Кривичниот суд во Скопје досегашниот претседател Иван Џолев.

На Џолев денеска му истече четиригодишниот мандат на чело на најголемиот кривичен суд во земјава.

Судијата Џолев, како што изјави портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ, е определен на оваа должност заради континуитетот во работата и затоа што Судот под негово водство спаѓа во листата ажурни судови.

Арсиќ, како што пренесува МИА, истакна дека во блиска иднина ќе биде објавен оглас за избор на претседател на Основен кривичен суд – Скопје, како и на други три основни судови – Тетово, Куманово и Ресен.

Тој воедно истакна дека во случајот со определување на в.д. претседател на Основниот кривичен суд, Судскиот совет постапи според членот 89 од Законот за судовите.

„Во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседател на суд, до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“, рече Арсиќ и посочи дека Судскиот совет не избра претседател, туку определи, согласно законот, вршител на должноста претседател.

Од таму уште додадоа дека според законските одредби, оглас за избор на претседател на суд се распишува 60 дена пред истекот на мандатот, но овие 60 дена се погодија во кампањата на локалните избори.

„Локалните избори беа закажани на почетокот на август, а имајќи ја предвид препорката на Антикорупциската комисија, дека Судскиот совет не смее да избира и разрешува судии за време на изборна кампања, едноставно не можеше да се распише оглас за избор на претседател“, рече Арсиќ, истакнувајќи дека за определување на в.д. претседател на суд не е потребно распишување на оглас.

Пред почетокот на седницата на Судскиот совет, ВМРО-ДПМНЕ ги повика членовите на ова тело „да ги почитуваат Уставот и интересот, а не политичките притисоци кога денес ќе одлучуваат за именување на вршител на должноста претседател на Основниот кривичен суд Скопје 1“.

„Постојат сознанија дека власта во заминување врши притисок за денеска Советот да донесе политичка, а не одлука согласно закон, и со кршење на законот и Уставот, досегашниот претседател Иван Џолев да биде назначен за в.д. претседател на судот, само заради исполнување политички агенди на власта во заминување. Очекуваме членовите на судскиот совет, телото за контрола на судската власт, да ги почитува Уставот и законите и според нив да го изберат најдобро оценуваниот судија. Во Законот за судови е предвидено дека ,во случај на разрешување или престанок на мандатот на претседателот на судот (како во овој случај), до избор на нов претседател на судот, Судскиот совет од редот на судиите во судот определува вршител на должноста претседател на судот кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови”, изјави Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.