21-годишен тетовец ја загуби битката со компликациите од Ковид-19


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Трагедија во тетовската болница – утринава од компликации од ковид-19 починало младо момче, на 21-годишна возраст, кое според координаторот на ковид-центарот, д-р Гзим Нуредини, немало други хронични заболувања. Момчето, за жал, според лекарите, не реагирало на двата антивирусни лека кои му биле давани како терапија.

– И кога пред десет дена го донесоа момчето, тоа беше во тешка здравствена состојба. Момчето е од Тетово, а според податоци од анамнезата не стои дека боледувал од некоја болест пропратно. Неофицијално, се спомнува наводно некој синдром… Трагедијата е што станува збор за младо дете, кое и кога го примивме пред 10ина дена беше во тешка состојба, со пнеумонија на двете белодробни крила, поради што бевме во консултација со инфектолозите од Клиниката за инфективни болести во Скопје – вели д-р Нуредини за Нова ТВ.

Тој појаснува дека пациентот заболен од ковид-19 сакале да го транспортираат за Скопје, но тоа го одбиле од семејството.

– Во нашата болница имавме посета постојано од доктори од скопската клиника, а за несреќа, момчето пројави резистенција на двата антивирални лека што му ги дававме и резистенција на секаква терапија. Ние не сме зачудени од тоа, но ова граѓаните мора да го да знаат – дека нема лек од вирусот, останува самиот организам да се справи со болеста… Голем дел од пациентите лесно може да ја поминат болеста, но многумина може да развијат тешки форми на болеста и тоа многу брзо. Гледаме дека вирусот може да направи беља и кај помлади луѓе… Каде има модификација на имунитетот, одбранбениот систем не може да се бори со вирусот. Момчето последните два дена беше на неинвазивна вентилација, а претходно на кислородна подршка, а лекарите и другиот персонал дадоа се од себе, но еве, за жал, заврши вака трагично – додава д-р Нуредини.

Тој порачува:

– Младите да се замислат, за да немаме и други жртви, а настинката и други симптоми што се појавуваат, да знаат дека не се од клима-уредите и дека треба да се тестираат на ковид-19! Ова е вонредна состојба, мора да се внимава, да не се заразат и други луѓе, затоа се и апелите за вакцинација – вели Нуредини.

Во моментов во тетовскиот ковид-центар на болничко лекување се наоѓаат 123 пациенти, од кои осум се вакцинирани само со една доза, а седум пациенти имаат примено две дози од вакцината против ковид-19.