Актуелно

200 патници ќе бидат сместени во карантин во касарната во Пепелиште

Во Македонија има три нови случаи на заразени од коронавирусот. Се работи за двајца сопружници од Скопје кои се вратиле од Бугарија и еден скопјанец кој имал гости од Србија.

„До денеска до 12 часот вкупно во земјава има регистирано 26 заболени пациенти. Утрово се тестирани 10 пациенти, позитивни се тројцата пациенти кои што се тестирале на кликната „Жан Митрев“. Вчера на пресот кажав двајца, се јавил уште еден. И денеска во Институтот за јавно здравје ги направивме контролните тестови со цел да бидат унифицирани и го потврдија нивниот резултат“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Мапирани се контактите на тројцата ново заразени, а ќе бидат тестирани членовите на семејството на првиот пациент. Тој е префрлен на клиниката за инфективни болести. Двајцата сопржуници, пак, таму ќе бидат однесени во текот на денот.

Околу 200 македонски државјани кои беа заглавени на унгарско-српската граница ќе бидат ставени во групен карантин. Најголем дел од овие лица работеле во ризичните региони во Италија, а дел и во Австрија.

„Сите тие ќе одат во групен карантин во касарна во Пепелиште во „Криволак“ каде што се обезбедени услови, снабдување со храна, медицинска поддршка за проверка, прегледи и соодветно обезбедување“, рече Филипче.

Министерот Филипче информира дека капацитетите на Инфективната клиника е подготвен и оти во секоја соба може да се постават респираторни машини.

Властите очекуваат пикот на заразата да биде достигнат следниот месец.

„Тешко е да се предвиди и она што ќе го кажам земете го резерва заради тоа што тоа се некои претпоставки, некои проценки, некои математики. Можно е бројот на пациенти во нашата земја да достигне до 2.000, а пикот да биде за некаде еден месец од сега“, вели Филипче.

Надлежните размислуваат и за стопирање на верските собирања.

„Ако продолжат и верските собирања јас ќе побарам од Владата преку соодветен начин стриктно да се забранат“, рече Филипче.

Во меѓувреме, во Скопје ќе се зголеми бројот на автобуси во утринските и попладневните часови, во пладневните часови ќе се одлучува според динамиката на патниците.

Advertisements
To Top