20 милиони буџетски евра за крпење на ПИОМ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Вкупно 17,9 милиони евра повеќе од проектираниот буџет за годинава ќе добие Министерството за труд и социјална политика за да ги реализира предвидените програми до крајот на годината, според ребалансот на буџетот за 2017 година кој Владата го достави до Собранието. Околу 3,3 милиони евра се наменети за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на граѓаните.

Министерството за економија добива 3,9 милиони евра повеќе, а, пак, буџетот на Министерството за здравство е поголем за 4,4 милиони евра. На Министерството за информатичко општество и администрација буџетот му е зголемен за 2,5 милиони евра. За 9 милиони евра, ќе се дополнат активните политики и мерки за поддршка за нови вработувања. 20,2 милиони евра ќе добие и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците за вториот пензиски столб.

Со ребалансот најмногу пари се кратат од Министерството за образование, вкупно 21 милион евра и Министерството за внатрешни работи кое ќе има помал буџет за 6,7 милиони евра. За 3, 7 милиони евра е скратен буџетот на Министрството за култура. Од другите кратења има кај судската власт за половина милион евра.

Со ребалансот на Буџетот, 95 илјади евра се скратени кај претседателот на државата, а намалување за 10 отсто има и кај сите непродуктивни трошоци на Владата и на сите нејзини институции како што се службените патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање, а најголемо кратење во оваа ставка е направена кај буџетот на премиерот, или ставката Владата, односно околу 6,8 милиони евра.