Зеленски порача: Украина е подготвена да биде неутрална и ненуклеарна и да попушти за статусот на Донбас


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Украина е подготвена да стане неутрална и да направи компромис околу статусот на источниот регион Донбас како дел од мировниот договор.

Зеленски ја пренесе својата порака директно до руските новинари во видеоповик, за кој Кремљ превентивно ги предупреди руските медиуми да не известуваат, пренесе Ројтерс. Украинскиот претседател рече дека секој договор мора да биде гарантиран од трети страни и да се стави на референдум.

„Безбедносни гаранции и неутралност, ненуклеарен статус на нашата држава. Ние сме подготвени да одиме на тоа“, рече тој, говорејќи на руски.

Зеленски го повика Западот да ѝ даде на Украина тенкови, авиони и проектили за да ѝ помогне во одбраната од руските сили.

Зеленски подоцна во своето ноќно видеообраќање рече дека во какви било разговори ќе инсистира на „територијалниот интегритет“ на Украина.

Но дури и додека Турција се подготвува да биде домаќин на разговорите оваа недела, шефот на военото разузнавање на Украина, Кирило Буданов, рече дека рускиот претседател Владимир Путин има цел да го заземе источниот дел на Украина.

„Всушност, тоа е обид да се создадат Северна и Јужна Кореја во Украина“, рече тој, мислејќи на поделбата на Кореја по Втората светска војна.

Во разговор со Путин во неделата, турскиот претседател Таип Ердоган се договори да одржи разговори оваа недела во Истанбул и повика на прекин на огнот и на подобри хуманитарни услови, соопшти неговиот кабинет. Украинските и руските преговарачи потврдија дека ќе има разговори во лице.

Преговорите меѓу руската и украинската делегација во Турција ќе почнат денеска и ќе траат до среда.

Локален лидер на самопрогласената Народна Република Луганск во неделата изјави дека регионот наскоро би можел да одржи референдум за приклучување кон Русија, исто како што се случи на Крим откако Русија го зазеде украинскиот полуостров во 2014 година.