Зеленски песимист: Загубив интерес за НАТО, очигледно не се подготвени да ја прифатат Украина


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Претседателот на Украина Володимир Зеленски повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин на дијалог, истакнувајќи дека Украина е подготвена да разговара и да бара компромиси, но не е подготвена да капитулира.

„Пред се, подготвени сме за дијалог, но не за предавање“, изјави Зеленски во интервју за американскиот телевизиски канал „Еј-Би-Си Њуз“, на прашањето дали Украина е подготвена да ги испочитува барањата на руската федерација за прекин на војната – промена на ставот и одбивање влез во НАТО, да го признаат Крим како руски и да ја признаат независноста на Донецк и Луганск.

Зеленски во интервјуто истакнал и дека го загубил интересот за влез на Украина во НАТО.

„Овде не се работи за мене, туку за луѓето кои ме одбраа. Што се однесува до НАТО, го загубив интересот по ова прашање откако сфативме дека НАТО не е подготвено да ја прифати Украина. Алијансата се плаши од контрадикторни работи и конфронтација со Руската Федерација, бидејќи не станува збор за мене“, додаде тој.

Тој напомена и дека Украина не сака да биде земја која „моли на колена“.

„Зборувам за безбедносните гаранции. Мислам дека можеме да разговараме и да најдеме компромис за точките за привремено окупираните територии и непризнати републики, кои никој освен Руската Федерација не ги признава“, посочил Зеленски.

Истовремено, тој нагласи и дека е клучно прашањето како ќе живеат луѓе на овие територии, кои сакаат да бидат дел од Украина.

„Она што треба да се направи е Путин да почне да зборува, да започне дијалог, наместо да живее во информативен балон без кислород“, нагласи украинскиот претседател.