Заев оптимист до последно: „До небо верувам дека ќе добиеме датум за преговори“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев до последно останува оптимист дека Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ, но очекува „работата да ја пресечат“ лидерите на Унијата, а не министрите. Тој најави дека драмата ќе трае до последен момент и вчера замина во Брисле на последни лоби обиди за позитивен исход од европските лидери.

„Верувам до небото дека ќе добиеме датум за преговори, останувам оптимист. Нашата земја уште од самостојноста до денес ништо лесно не добива, ние сме мала земја и се сме остварувале со мака. Зборувам за сите влади досега, не само за оваа, така што драмата во ЕУ веројатно ќе биде до последен момент“, изјави Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Тој, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека ние имаме целосно разбирање за она што се случува во Унијата и дека немаме проблем со таквите методологии кои ќе значат реформа на ЕУ во поглед на проширувањето, но убеден е дека ќе ни даде фер шанса.

„Не постои земја во последните 20 години која чекала одлука и добила, а направила повеќе од нас од секој можен аспект и во однос на реформите и на меѓународен план. Очекуваме секоја нова реформа во ЕУ да носи директни придобивки и овде, но очекуваме и ЕУ да го испочитува нашиот успех “, рече Заев.

Премиерот ја исклучи можноста за предвремени избори, дури и ако не добиеме датум, објаснувајќи дека и ако не добиеме датум „не смееме да ја загрозиме предвидливоста во општеството“.

„Во услови во кои ние сме земја во која нема алтернатива за НАТО и за ЕУ, политичарите се минливи и менливи, но предвидливоста на стопанството треба да се остави до крај на мандатот. Редовност на изборите е редовност на општеството. Обезбедувањето предвидливост на стопанството е важна работа, па според мене, на нашата земја ѝ требаат редовни избори. И на крајот на октомври за мене се редовни избори“, додаде Заев.

Тој најави дека по посетата на Австрија, заминува за Брисел, а потоа и за Луксембург непосредно пред Европскиот совет.