Заев апелира: Укинувањето на Преспанскиот договор ќе ја загрози иднината на земјата


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, после најавите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за укинување на Преспанскиот договор, апелираше и истакна дека такво нешто може да ја врати земјата 25 години наназад.

„Не верувам дека ВМРО ДПМНЕ може да победи на предвремените парламентарни избори, а уште помалку дека ќе може да освои двотретинско мнозинство за менување на Договорот од Преспа, но должни сме да укажеме на граѓаните што би се случило доколку тоа се направи“, истакна Заев.

Тој потенцира дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неколку наврати за домашни и странски медиуми, најавил менување или укинување на Договорот од Преспа во случај опозицијата да добие двотретинско мнозинство на изборите. Заев притоа потенцира дека Договорот од Преспа е договор што ја однел земјата во НАТО и на чекор до Европската унија.

„Дали во ВМРО ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се поништи Преспанскиот договор? – Укинувањето би нè вратило 25 назад, би ја вратило референцата ПЈРМ, односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на сметка на уставното име. Тоа ќе значи губење на членството во НАТО, губење на перспективата за ЕУ, губење на милијарда евра инвестиции. Без Договорот од Преспа ќе исчезне поддршката од нашите стратешки партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти“, додаде Заев на прес-конференцијата.

Затоа, смета Заев, укинувањето на Договорот од Преспа е опасна работа и затоа, според него, СДСМ и целата демократска јавност се гаранти дека Преспанскиот договор ќе живее и ќе донесе иднина за земјата.