За крпење на буџетска дупка од над 500 милиони евра, Владата ќе ги продава Тутунски комбинат – Прилеп, Пошта, Железница-Транспорт и други компании


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со цел да ја закрпи буџетската дупка од над 500 милиони евра, Владата ќе направи обид да продаде доминантно или делумно државни компании, како и земјоделско земјиште (под услов истото да остане наменски за земјоделско производство).

На овој начин Владата ќе направи обид да собере што повеќе пари со кои ќе ја полни државната каса, после усвојувањето на буџетот за 2021 година. Буџетската приходна страна за 2021 година е планирана на 3,45 милијарди евра, или 8,3 проценти повеќе од износот предвиден со вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година. Расходната страна, пак, е планирана на 4 милијарди евра, што е за 2,1 отсто помалку од предвиденото трошење за оваа година, пренесува Слободен печат.

Првиот човек на македонските финансии, актуелниот министер Фатмир Бесими, со премиерот Зоран Заев најавија дека идната година треба да почне и да заврши продажбата на Пошта, Железница-Транспорт, Тутунски комбинат Прилеп, фабриката за шински возила „Колска“, фабриката за наменско производство „Еурокомпозит“. И досега Владата за некои од компаниите бараше купувачи, но тоа не резултираше со успех.

Заев ја уверува јавноста дека ЕСМ нема да оди на продажба.

Како дополнителен извор на пари за реализација на капитални проекти се најавува јавно приватно партнерство за хидроцентралата Чебрен и за ТЕЦ Неготино за нејзина трансформација во електро-централа на хидроген.

Во насока на дополнување на изворите за Буџетот, Заев спомена дека се очекуваат инвестиции во ски центарот Попова Шапка, со дополнителна одлука дали ќе се оди на продажба или со концесија, како и на туристичките објекти во Струга кои се во сопственост на Електрани на Северна Македонија.