Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Во објект кој припаѓа на детската градинка „Детска радост“ во Струмица во текот на вчерашниот ден беше регистриран случај на Ковид-19 кај дете кое останало дома од понеделникот, а вирусот го добило од член на семејството.
– Преземени се сите мерки против ширење на вирусот, а децата од таа група, воспитувачите и родителите се изолирани, изјави вчера директорот на градинката, Васил Бубев.
Скопската градинка „13 Ноември” во општина Центар, пак, пред три дена пријави случај на заразено 15 месечно дете. И во тој случај, децата од групата со заразеното дете беа ставени во домашна изолација.
Од отворањето на градинките на 9 септември, за десет дена има две заразени деца, по едно во Скопје и во Струмица, како и воспитувачки од Свети Николе и од Битола.
Со барање за укинување на одлуката на 23 септември за враќање на работа, мајките на деца до шестгодишна возраст и оние на породилно отсуство, вчера излегоа на протест пред Владата. Бараат породилното отсуство да биде продолжено до крајот на годината, а според нив во градинките нема место и воопшто не можат да ги запишат нивните деца. Петицијата ја потпишале 3.325 мајки.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и министерот за здравство, Венко Филипче синоќа во Владата остварија средба со дел од родителите кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство. Притоа истакнале дека одлуката е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, како и врз основа на информациите дека во јавните установи за згрижување и воспитување на децата целосно се почитува Протоколот за активности во установите кој го сведува ризикот од ширење на Ковид-19 на минимум.
Владата вчера излезе и со реакција во која наведува дека будно се следи состојбата во градинките и оти нема место за паника. Таа останува на одлуката родителите на децата до шестгодишна возраст и оние кои беа на продолжено породилно боледување да се вратат на работа на 23 септември.
– Со отворање на установите за згрижување и воспитување на деца на 9 септември и анализата што покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот КОВИД-19, мерката за родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата, информираа вчера од Владата во соопштение во кое додаваат дека таа мерка изминатиот период беше во сила затоа што јавните установи за згрижување на деца, односно градинките не работеа.
Појаснуваат дека дополнително, во координација со Комисијата за заразни болести, донесена е Одлука и за проширување на капацитетите на групите во градинките од 0 до 2 години на 12 деца, со што јавните установи за згрижување на деца имаат капацитет целосно да ги згрижат децата на мајките кои до сега користеа продолжено породилно отсуство.
Согласно Протоколот, приоритет за згрижување во градинките имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители, со што се исклучува секаква можност децата да останат без соодветна грижа и нега.
Владата потенцира дека внимателно ја следи состојбата на терен и во зависност од потребата ќе носи одлуки што се во интерес на граѓаните и на државата.