Во Скопје, на 100-годишна возраст, почина академик Ѓорѓи Филиповски


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На 100-годишна возраст, во Скопје, почина македонскиот интелектуалец, научник и академик, еден од тројцата основоположници на МАНУ во 1967 година, професор Ѓорѓи Филиповски.

Академик Филиповски е роден е во село Сорович, Леринско во 1919 година. Основно училиште и гимназија заврши во Битола, студираше агрономија во Земун (1937-1941), а дипломира во Софија (1942) каде што остана да работи како асистент по педологија до 1944 година.

По ослободувањето беше унапреден во шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944-1947). Потоа стана и најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1947) каде и се пензионира како редовен професор.

Докторира во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Беше на шестмесечни студиски престои во Франција и во САД. Ја основа Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении беше нејзин шеф, но и продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач.

Заедно со Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ во 1967 година станаа основачи на Македонската академија на науки и уметности чиј научен секретар беше во првите осум години, а потоа и нејзин потпретседател во три мандати.

Академик Филиповски беше почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд и надворешен член на Академијата на науки на БиХ. Предаваше на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Една година беше ангажиран како визитинг-професор во Калифорнија и повеќе години држеше предавања по педологија на меѓународните постдипломски студии од областа на медитеранското земјоделство во Бари, Италија и на Крит, Грција (Крит).

Автор е на вкупно 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата и за класификација на почвите на Македонија и за климатско-вегетацископочвените региони. По негова заслуга и на неговите соработници, почвите во Македонија важат за едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија беше препечатен во 4 изданија во периодот од 1968 година до 1993 година. Има напишано и два терминолошки речника за педологија и агрохемија во издание на МАНУ.

Во мај годинава, МАНУ со голема свеченост го одбележа 100 негов роденден. На говорницата на сцена се искачи во придружба на неговите внуци, присутните ги импресионира со виталноста и луцидноста, со шегите на сметка за својата возраст и остана пола час. Со течна мисла се присети на на своите животни и работни почетоци, без притоа да има однапред подготвен говор, и не заборави никому да се заблагодари.

Комеморацијата за академик Ѓорѓи Филиповски ќе биде одржана во утре (понеделник, 23.12.2019 година) во МАНУ со почеток во 11 часот, а погребот е закажан во 13 часот.