ВМРО-ДПМНЕ испрати допис до Собранието: Парите за референдумска кампања се погрешна одлука


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го послушаат повикот на лидерот Христијан Мицкоски да не користат владини пари за кампања поврзана со референдумот – ова било договорено на денешната партиска координација, која траеше во текот на речиси целиот ден. Иако неофицијално, во партијата имало и поинакви мислења, сепак оттаму одлучиле дека финансирањето кампања од власта со буџетски средства е погрешна одлука. Токму тоа и го навеле во дописот кој доцна попладнево координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, го испратил до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Средствата за рекламирање, како што пишува во образложението, треба да се наменат за реализација на проекти од областа на образованието, за земјоделците и за опремување на војниците.

„Ги повикуваме Владата и нејзините пратеници да се откажат од средствата за себерекламирање под превезот на референдум и тие да ги насочат кон конкретни проекти во реалниот сектор. Информирањето за различните видувања да биде предмет на бројни медиумски соочувања во претстојниот период“, стои во дописот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата сè уште јавно не излегоа со став дали ќе учествуваат на референдумот или ќе го бојкотираат. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тоа го најави за 10 септември.

Од Собранието во понеделникот информираа дека досега пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници до претседателот на Собранието, Талат Џафери, испратиле допис со кој го информираат дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30 септември.

Како независни се декларирале Амди Бајрам од Сојузот на Ромите и Јусуф Асани од Партијата на Турците, а пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ испратил допис до Собранието дека како поединец ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање.

Пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор, и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.