Влијателениот новинар Сејмур Херш тврди дека САД ги бомбардирале двата крака на гасоводот Северен тек


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Американскиот влијателен истражувачки новинар Сејмур Херш пишува дека Соединетите Американски Држави ги бомбардирале двата крака на гасоводот Северен тек во Балтичко Море.

Херш тврди дека тоа било тајна операција наредена од Белата куќа, а извршена од ЦИА, пренесува британски Тајмс.

Херш, кој е добитник на Пулицеровата награда, тврди дека американски нуркачи, под закрила на воена вежба на НАТО, поставиле мини долж гасоводот, кои подоцна биле далечински активирани.

Во септември серија моќни експлозии ги оштетија гасоводите Северен тек 1 и 2, кои одат под Балтичко Море од Русија до Германија овозможувајќи евтин гас за европските земји. Нападот набргу потоа беше окарактеризиран како намерен, но без да биде посочен виновник.

85-годишниот Херш стана славен по откривањето на масакрот на 500 цивили во Ми Лаи во Виетнам во 1968 година и скандалот во ирачкиот затвор Абу Граиб во средината на 2000-те. Пишуваше за Њујоркер и Њујорк тајмс.

Тој тврди дека тајната операција била наредена од американскиот претседател Џо Бајден, а дека нападот бил извршен од ЦИА во соработка со Норвешка.

Во извештајот објавен на интернет издавачката платформа Сабстек, Херш тврди дека Бајден одлуката ја донел по девет месеци планирање. „Голем дел од тоа време прашањето не било дали треба да се изврши мисијата, туку како да се изврши без никаква јасна трага за тоа кој е одговорен“, пишува новинарот.

Во својот текст Херш цитира анонимен извор за кој вели дека е „директно запознаен со оперативното планирање“. Наведува дека нуркачи од Центарот за нуркање и спасување на американската морнарица во Панама Сити на Флорида, најголемата нуркачка установа во светот, поставиле експлозив Ц4 долж гасоводот, кој подоцна го активирала сонарска пловка, која ја спуштил авион.

Британски Тајмс, кој го пренесе извештајот, наведува дека треба да се земе со доза претпазливост имајќи предвид дека работата на Херш, кој е познат како „најголемиот американски истражувачки новинар“, во последните години е оспорувана и негирана. Во своите тврдења, наводно, често се повикувал на анонимни извори без наведување конкретни докази.

Херш наведува дека Бајден и неговиот тим за надворешна политика, составен од советникот за безбедност Џејк Саливен, државниот секретар Ентони Блинкен и потсекретарката за политички прашања Викторија Нулан, отворено зборуваа против Северен тек 2, кој во времето на саботажата сè уште не беше функционален. Според нив, гасоводот ќе ја направеше Европа со децении зависна од рускиот гас и ќе го зголемеше политичкото влијание на Кремљ над континентот во време на засилени тензии меѓу Москва и Вашингтон. Северен тек 2 требаше самостојно да го удвои количеството гас пренесувано преку Северен тек 1.

Минатата недела Тајмс објави дека германските истражители останале отворени за теориите дека западна држава го извршила бомбардирањето со цел да ја обвини Русија. Експлозиите ги истражуваат и Данска и Шведска.

Некои западни функционери првично се сомневаа на Кремљ иако не ја обвинија официјално Москва. Меѓутоа, 23 дипломатски и разузнавачки функционери на девет различни западни земји неодамна кажаа за Вашингтон пост дека нема докази што би ја поврзале Русија со нападот, а некои од нив изјавија дека не веруваат дека Русија е одговорна. Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, наводите дека Русија би ги оштетила сопствените гасоводи ги нарече „глупави и апсурдни“.

По нападот, Вашингтон ги отфрли обвинувањата дека САД се вмешани. „Идејата дека Соединетите Држави се на некаков начин вмешани во саботажата на гасоводите е неверојатна. Тоа е само дел од руската дезинформација и треба да биде така и третирано“, соопшти американскиот Стејт департмент.

Коментирајќи го извештајот на Херш, портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова ја повика Белата куќа да ги „коментира фактите“ изнесени во него.

Едриен Вотсон, портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност кажа дека „ова е сосема погрешно и целосна фикција“.