Власта се спрема за прогласување енергетска криза од 1. август


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Oд 1 август Македонија ќе прогласи нова енергетска криза. Деталите јавноста сè уште не ги знае. Од средбите на меѓувладините работни групи кои вчера и денеска дискутираат за детална примена на постигнатите договори во рамките на Отворен Балкан, стигнуваат оптимистички најави дека соседите заедно кризата полесно ќе ја пребродат. Македонските експерти се скептични. Во Европа веќе се воведуваат сериозни мерки за штедење.

Македонските надлежни органи уверуваат дека се мобилизираат за тешките зимски месеци. ЕСМ тврди дека веќе се ископани и договорени потребните количини јаглен и мазут за континуирано производството на електрична енергија. Последната набавка од 550.000 тони веќе се реализира, тврдат од ЕСМ и додаваат дека овој јаглен ќе се користи за облагородување на домашниот јаглен кој е нискокалоричен. Владата најавува дека зимава ќе работат трите блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј и ТЕЦ Неготино.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат на ваквите тврдења и сметаат дека веќе се доцни со набавката на јаглен и оти ќе се прогласи кризна состојба за да може да се активира договорениот кредит од ЕБРД од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ за да може да се купува струја кога ќе има недостиг од јаглен и од мазут за домашните капацитети. Европските банкари понудата да ни дадат кредит за ЕСМ од 100 милиони евра, кој ќе биде обезбеден со државна гаранција, ја доставиле до земјава и до компанијата уште во март годинава.

Јагленот се купува од Албанија, Грција и Косово. Цената по која сега се купува јагленот е од 55 до 65 евра за еден тон.

Од Министерството за економија ветуваат дека за разлика од лани, зимава РЕК Осломеј ќе работи целата грејна сезона. Од Владата се упорни во тврдењата дека зимава нема да има никакви рестрикции во редовната дистрибуција на електричната енергија.

Експертите се скептични дека ЕСМ ќе успее да ги обезбеди потребните количини јаглен, а од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека новата кризна состојба се планира само за да се реализираат тендери во четири очи.

Експертите се согласни дека веќе се доцни со планот за штедење на енергијата во Македонија, дека не сме подготвени за престојната зима, дека одамна можело да се набават барем минимум количини поевтина електричнa енергија за претстојниот период…

Само за работа на трите блока на РЕК Битола годишно се потребни од 6,5 до 7,5 милиони тони јаглен. Проценката е дека годишно може да се обезбедат пет милиони тони јаглен од домашните рудници, а тоа значи дека годишно треба да се увезат 2,5 милиони тони јаглен.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во мај годинава биле потрошени 544.181 мегават часови електрична енергија и дека 75,7% било покриено од домашно производство.

Владеачката СДСМ соопшти дека над 76 милиони евра се обезбедени за следниот пакет антикризни мерки за справување со последиците од светската економска и енергетска криза.

„Со ребалансот на Буџетот за 2022 година обезбедуваме одржување на макроекономската стабилност, но и поголема поддршка и помош како за граѓаните, така и за компаниите“, соопшти СДСМ.

Во Европа веќе се планира зимава ниту една зграда или деловен објект нема да може да се загреваат на повќе од 19 степени, а и ладењето не смее да биде пониско од 25 степени. Потрошувачката на гас и за домаќинствата и за фабриките е веќе редуцирана.

Во Германија се намалува уличното осветлување. Австрија им препорача на граѓаните да се тушираат, а не да ги полнат кадите за да заштедат енергија. Пресметале дека за полна када се потребни 80 до 150 литри топла вода, а за туширање – до 50 литри. Планирано е само делумно загревање на канцелариите и јавните установи и училиштата. Ако кризата со гас ескалира, веќе имаат планови за затворање на училиштата, а наставата ќе биде онлајн. Повици за штедење се упатени во повеќе држави.

Во Македонија сметките за струја веќе се поскапи за 7,4 отсто. Во земјава се согласни само во едно – на Македонија ѝ претстои енергетски најтешка зима.