Велика Британија треба да исплати 2,7 милијарди евра царински давачки кон ЕУ


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Објаснетото мислење испратено до Велика Британија е вториот чекор кој европската комисија го презема во постапката за повредата на правата на Европската Унија бидејќи во буџетот на ЕУ не уплатила 2,7 милијарди евра царини на увезена кинеска стока.

Комисијата ја почна постапка против Британија поради повреда на правата на ЕУ во март годинава со испраќање официјална опомена. Постапката почна откако Канцеларијата на ЕУ за борба против измами (ОЛАФ) утврдила дека увозници во Британија избегнале да платат големи суми царини користејќи се со фиктивни сметки и неисправни царински декларации. Комисијата утврдила и големи измами во британските пристаништа со намалување на вредноста на стоката во периодот од 2011 до 2017 година.

Увозните царини спаѓаат во сопствените приходи на европскиот буџет.

„И покрај тоа што е известена за ризиците од измами при увоз на текстил и обувки од Народна Република Кина од 2007 и покрај тоа што од нив беше побарано да преземе соодветни контролни мерки, Обединетото кралство пропушти да преземе ефикасни мерки за да спречи измами“, истакна Комисијата.

Британија сега има два месеци во кои може да ја уплати утврдената сума во европскиот буџет, во спротивно следи третиот чекор во постапката на повредата на правата на ЕУ – испраќање на предметот до Судот на Европската Унија.

Иако тука станува збор за повреда на правата на ЕУ извршена од една членка, потегот на Европската комисија доаѓа во клучен период за преговорите за излегување на Велика Британија од Унијата.

Дотолку повеќе што британската влада во преговорите со ЕУ за идните односи предложи „поедноставен царински договор“ според кој Британија ви ги собирала увозните царини на стоката која влегува преку нејзината територија со крајна дестинација во ЕУ и тие средства би ги уплаќала во европскиот буџет, а за стоката наменета за британскиот пазар би применувала сопствени царински тарифи. Сега се покажува дека тие обврски не ги извршувала ни како членка, па се наметнува прашањето како ќе се однесува кога ќе биде надвор од ЕУ.

Следниот месец на редовниот самит на ЕУ би требало да се знаат клучните одредби од договорот за напуштање на Британија и рамката за идните односи, што потоа би можело да биде потврдено на вонредниот самит во ноември. Во спротивно се заканува опасност Британија да излезе од ЕУ на крајот на март следната година без каков било договор, што е сценарио од кое сите се плашат.

По потпишувањето на договорот потребно е време за негова ратификација, па ноември се смета за краен рок до кога би требало да се има договор кој би можел да се ратификува до март следната година.

Извор: Мкд.мк